Амбасадорот на Шпанија во Скопје, Н.Е. г. Рафаел Соријано Ортис, му додели на Студиото за јазици „Каста дива“ од Скопје Плакета на честа од Редот за граѓански заслуги, за извонредниот труд вложен во наставата на шпанскиот јазик во Македонија. Признанието го доделува Кралот на Шпанија, а во име на шпанскиот крал, студиото ја доби плакетата од Министерството за надворешни работи на Шпанија. Амбасадорот Ортиз ја врачи Плакетата на професорите по шпански јазик, Јасмина Никуљска, сопственичка на студиото, и директорот на студиото Ненад Велковски.
-Чест ми е и големо задоволство да ја доделам оваа Плакета за граѓански заслуги на студиото ‘Каста дива’ претставувано од Јасмина Никуљски Велковска и Ненад Велковски, кои речиси 30 години се вистински амбасадори на Шпанија и на нејзините култура и јазик. И како што вели самото име, земено од најубавата и најтешка оперска арија ‘Каста дива’ од операта ‘Норма’ на Винченцо Белини, тие, покрај единствени, се и најдобри предавачи на шпанскиот јазик сите овие години, но и промотори на шпанската култура и традиција во нивниот најчист и највозвишен облик, рече шпанскиот амбасадор Ортис при доделувањето на Плакетата.
„Каста дива“ 28 години е единствениот специјализиран центар во Македонија за изучување на шпанскиот јазик и култура и единственото училиште акредитирано од Институтот Сервантес како испитен центар во Македонија за испитите по шпански јазик „Деле“.