Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во НАТО, Метју Витакер, рече дека напорите за постигнување мировен договор за Украина влегле во последната и најчувствителна фаза и дека преговорите се поблиску до договор од кога било досега, но дека постигнувањето мир бара согласност од двете страни.
„Поблиску сме од кога било, иако го кажувам ова веќе неколку месеци. Отстранивме голем број спорни прашања и постигнавме договор за безбедносни гаранции и иднина за независна Украина која нема да биде во војна“, рече Витакер во изјава за „Фокс њуз“.
Тој рече дека последниот чекор кон мировен договор е најкомплициран, бидејќи се однесува на територијални прашања, цртање линии за разграничување и начин за спроведување на прекин на огнот.
„Ова се сложени прашања, но напредокот продолжува. Оваа војна мора да заврши и убивањето мора да престане“, рече Витакер, додавајќи дека останува оптимист, но дека постигнувањето мир бара волја од двете страни, пренесува Танјуг.












