Сарма од лозов лист, пиде, шиш-кебап, полнет модер патлиџан, гурабии…, турски чај и локум, ајран… ова беа само дел од деликатесите со коишто турскиот амбасадор Фатих Улсој ги нагости неговите македонски пријатели, презентирајќи ги гастрономските специјалитети на Турција. Традиционалните вкусови на турското кулинарство, односно „класичните рецепти на турската кујна“ беа подготвени во домашен амбиент во рамки на Неделата на турската кујна.

-Со задоволство ви ги претставувам вкусните јадења кои Турците ги консумираат речиси секој во нивните домови или ресторани.

Всушност, мислам дека повеќето од вас се запознаени со овие вкусови, бидејќи како што сите знаеме, турската кујна во себе содржи траги од вековната меѓукултурна интеракција во Анадолија и поширокиот регион кој ја опкружува Туркије, а како резултат на долгогодишното заедничко живеење, турската и македонската кујна имаат многу заеднички точки. Денес имаме прилика да ја разгледаме и книгата со наслов „Вековните рецепти на турската кујна“, дело изготвено под водство на ценетата сопруга на почитуваниот претседател, г-ѓа Емине Ердоган, и со учество на познати академици и готвачи.

Најистакнатите карактеристики на нашата традиционална турска кујна се тоа што е здрава и без отпад. Вложивме максимална грижа за да се осигуриме дека храната што ќе ја вкусиме денес да биде здрава, без отпад и одржлива.

Сметам дека не треба да се задоволуваме само со вкусување на убавините на оваа кујна, туку дека ова скапоцено богатство треба да го пренесеме и кон идните генерации, рече турскиот амбасадор Улсој во своето обраќање.

Тој се наврати на традиционално одличните релации и политички и економски меѓу двете земји.

-Изразот „пријателски“, кој се користи во контекст на Северна Македонија, не е само декларативен. Една турска поговорка вели „Пријателот се познава во црни денови“. Народите на двете земји секогаш стоеле еден поред друг во тешки денови. Турската заедница во Северна Македонија продолжува во својство на мост да ги поврзува нашите земји и да придонесе за развојот на Северна Македонија во сите области, рече, меѓу другото, Улсој.

На настанот, по случаен избор, четворица гости добија повратен билет од авиокомпанијата „Туркиш Ерлајнс“.

-Имаме 32 летови неделно на релација Истанбул – Скопје, на чело со „Туркиш ерлајнс“, а оваа фреквенција ќе се зголеми уште повеќе во текот на летните месеци. Исто така, има летови од Скопјe до Измир, Бодрум и Анталија. Директните летови на „Туркиш ерлајнс“ од Истанбул до Охрид, кои започнаа минатиот март, продолжуваат да ги развиваат врските меѓу народите на двете пријателски и братски земји и односите меѓу двете земји во областа на економијата и туризмот, најави амбасадорот.

Турската амбасада е една од најактивните и најотворените дипломатски претставништва во државава, каде што на интересен и невообичаен начин се промовира турската култура, традиција и обичаи.

ИЗДВОЕНИ