Амбасадоркта на Кина, Џианг Сиаојан: Да направиме односи цврсти како Шар Планина, соработка длабока како Охридско Езеро, пријателство силно како македонската ракија

61

Ми претставува голема чест тоа што претседателот Си Џинпинг ме назначи за 8-ми амбасадор на Кина во Северна Македонија.  За време на овие два месеци откако сум тука, длабоко сум трогната од топлината на македонскиот народ и се чувствувам охрабрено од  огромниот потенцијал за взаемно корисна соработка. Имам целосна доверба во иднината на билатералните односи, истакна амбасадорката на НР Кина во Македонија, Н.Е. Џианг Сиаојан, на приемот по повод нејзиното стапување на должност во земјава.

-Оваа доверба произлегува од огромната сила на долгогодишното традиционално пријателство. Со меѓучовечка размена која датира од далечното минато, нашите односи го надминаа тестот на времето и продолжуваат да растат. Кина е меѓу првите земји што ја признаа и воспоставија дипломатски односи со Македонија под нејзиното уставно име. Посетив многу општини и запознав луѓе од различни сфери на животот – службеници, научници, претприемачи, студенти, граѓани од сите возрасти. Споделивме перспективи за развој на билатералните односи. Нивните ставови и поддршка предизвикаа уште поголем импулс во билатералните односи, рече амбасадорката.

Таа додаде дека оваа доверба произлегува од постоечките видливи придобивки и огромниот потенцијал за соработка.

-Економиите на Кина и Северна Македонија се многу комплементарни. Кина е третиот најголем трговски партнер на Северна Македонија и најголемиот трговски партнер надвор од Европа. Кинеските компании обезбедија над 2000 работни места и им помогнаа на локалните заедници. По завршувањето на проектот за експресниот пат Миладиновци-Штип, Синохидро не штеди во напорите за автопатот помеѓу Кичево и Охрид, придонесувајќи за подобрување на поврзаноста. Staroon Europe Dooel извезува текстил за Македонија а Goldwind го поддржува зелениот развој на Македонија со испораки на кинески турбини. Ова се само неколку примери. Минатиот месец организиравме настан за вмрежување за развој на туризмот. Меѓусебниот ентузијазам на Кина и на Македонија е јасно докажан, истакна амбасадорката Сиаојан.

Таа дополни дека довербата произлегува и од енергичната меѓучовечка размена и посочи дека за време на изминатите 12 месеци, откако Кина го укина визниот режим, македонските граѓани имаа остварено речиси 8.000 патувања во Кина.

-Во моментов, македонскиот научник Игор Радев присуствува на фестивал за поезија во Шангај, Горан Костовски дава тренинзи по кошарка во Пекинг, новинарката Весна Дамчевска известува за Кина од тамошните различни  провинции, a младите пинг-понгери Јован Пармачки и Матеја Смолиќ учествуваат на тренинг кампови во Ченгду. Вчера ги посетија и со нив играа кинескиот светски шампион Ванг Личин и претседателката на Меѓународната федерација за пинг-понг, Петра Срлинг. Следната недела Драган Атанасов од Атлантик Турс ќе присуствува на туристичкиот саем во Хаинан провинцијата. Исто така, повеќе од десет ученици од Кочани освоија награди на меѓународниот младински ликовен натпревар  во Џиангсу. Културната, академската и размената во спортот е толку динамична, што речиси секоја недела нешто се случува откако дојдов. За време на моите посети на Охрид, Битола, Куманово, Кавадарци, Тетово и Свети Николе длабоко почувствував дека силата и основата на нашето пријателство лежи меѓу луѓето и во локалните заедници, рече амбасадорката.

Та посочи и дека во текот на изминатите пет години, Кина постигна солиден напредок во кинеската модернизација со продуктивни резултати. БДП-то на Кина, како што рече, драстично порасна од 110 трилиони јуани на 120 трилиони и 130 трилиони јуани, а се очекува да достигне 140 трилиони јуани (околу 20 трилиони американски долари), што претставува околу 17% од глобалната економија, придонесувајќи околу 30% во глобалниот раст, повеќе од Г7 заедно.

-Со просечна годишна стапка на раст од 5,5%, карактеризирана со значителен пораст во големи размери и повисок квалитет, Кина останува да биде сигурен и клучен двигател на светската економија. Кина напредува во научните и технолошките откритија, рангирајќи се на 10-то место во Глобалниот индекс на иновации. Кина има најмногуброен персонал за истражување и развој во светот, најголем број на врвни кластери за иновации и над пет илјади високотехнолошки компании. Кина е водечка земја во 37 од 44-те клучни технолошки области, а нејзиниот број на 5G базни станици го надминува вкупниот број на 5G станиците во остатокот од светот заедно, истакна таа.

Амбасадорката посочи и дека Кина се префрлува на зелен раст и го изгради најголемиот систем за обновлива енергија во светот и најкомплетниот индустриски ланец за нова енергија.

-Чистата енергија сега задоволува над 80% од побарувачката за нова енергија. Новите енергетски капацитети се на врвот на глобалните листи веќе десет години по ред, опфаќајќи 64% од вкупниот раст во светот. Еден од секои три киловат-часови електрична енергија потрошени во Кина е зелен. Во текот на изминатата деценија, извозот на обновливи производи од Кина помогна во намалувањето на глобалните трошоци за ветерна и соларна енергија за над 60% и 80% соодветно, рече кинеската амбасадорка во земјава.

Таа додаде и дека Кина продолжува да се отвора пошироко кон светот и е посветена на воспоставување нови системи со повисоки стандарди за отворена економија и на унапредување на пошироката агенда за подлабоко отворање кон светот во повеќе области.

-Кина стана вториот пазар по големина за потрошувачи и увоз во светот, со речиси 50 трилиони јуани во потрошувачка и над 20 трилиони јуани во увоз. Таа еволуира од „производствена сила“ во „суперголема потрошувачка економија“. Минатата година, странските директни инвестиции на Кина достигнаа 192,2 милијарди американски долари, рангирајќи се на третото место во светот 13 години по ред. Кинеските компании во странство плаќаат над 500 милијарди американски долари за даноци во земјите домаќини и просечно креираат повеќе од две милиони работни места во странство годишно. Земете го за пример пристаништето Пиреја управувано од COSCO. Минатата година постигна рекордно високи приходи и профит, претворајќи го од работ на банкрот во едно од најбрзо растечките контејнерски пристаништа во светот. Кина дополнително ќе ја продлабочи својата интеграција и поврзаност со светот, искористувајќи го својот нов развој да создаде глобални можности и да обезбеди придобивките од развојот да се распределуваат пошироко и пофер меѓу сите земји, рече амбасадорката.

Понатаму во својот говор, таа истакна дека четвртата пленарна седница на 20-тиот Централен комитет на КПК усвои препораки за 15-от петгодишен план на Кина, наведувајќи нацрт за развој и вин-вин соработка со остатокот од светот. Додаде и дека висококвалитетниот раст на Кина ќе донесе повеќе можности за Македонија.

-Постои една македонска поговорка: „Помеѓу зборовите и делата, долг е патот.“ Во Кина велиме: „Делата зборуваат погласно од зборовите.“ За да ја претвориме нашата заедничка визија во реалност, ќе се здружиме со голема решителност и со вистинско делување. Прво, треба да ја зајакнеме меѓусебната почит и доверба за нашите односи да бидат цврсти како Шар Планина. Претседателката Сиљановска-Давкова забележа дека нашето пријателство е вкоренето во меѓусебна почит, разбирање и споделени вредности. Кина ќе продолжи да го поддржува македонскиот суверенитет, територијален интегритет и национално достоинство, играјќи единствена улога во регионалните и меѓународните прашања. Веруваме дека македонската страна ќе продолжи да ги почитува основните интереси на Кина и да го почитува принципот „Една Кина“. Со тоа, не само што ја зајакнуваме суштинската политичка основа за нашите односи, туку и го заштитуваме меѓународниот поредок и правда. Второ, треба да ја направиме меѓусебно корисната соработка длабока како Охридското Езеро, за да може Македонија да ја искористи својата географска локација на транспортен центар и туристичка дестинација. Ткаењето на поблиски врски за соработка им служи на интересите на двата народи. Кина е подготвена да увезува повеќе македонски производи и охрабрува што повеќе кинески претпријатија тука да инвестираат, да ја прошират соработката во инфраструктурата, трговијата, зелениот развој, дигиталната економија, паметните технологии, е-трговијата и градењето капацитети. Трето, треба да промовираме меѓусебно разбирање за нашето пријателство да стане силно како македонската ракија. И Кина и Македонија имаат богато историско и културно наследство. Скопјe е Европска престолнина на културата за 2028 година и седиште на Координативниот центар за културна соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа. Следната година, кинеските уметнички ансамбли, вклучувајќи ја Сичуанската опера и Пекиншката академија за танц, ќе го посетат Скопје. Исто така, ќе ја зајакнеме размената меѓу тинк-тенковите, младите, спортот, филмската индустрија и општините. Кина го продолжи безвизниот режим за македонските граѓани за уште една година и се надева дека Северна Македонија ќе преземе дополнителни мерки за олеснување на двонасочното патување, истакна новоименуваната амбасадорката на НР Кина во Македонија.

-Драги пријатели, годината на Змијата завршува, а Годината на Коњот се приближува. Коњот симболизира виталност, оптимизам, храброст и акција. Со нетрпение очекувам да работам со поголема “коњска“ сила, да создадам повеќе платформи, да промовирам поблиски културни врски и да ја подобрам и олеснам пристапноста за нашите народи, со цел да изградиме заедница со заедничка иднина за човештвото. Искрено се надевам дека за време на мојот мандат ќе ја имам вашата континуирана поддршка, заврши амбасадорката Џианг Сиаојан.

На приемот присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, институции, новинари и други гости од општествениот и јавниот живот.

 

ИЗДВОЕНИ