Точно пред една година пристигнав во оваа земја. На 9 август 2024 година, слетав во Скопје по долг лет, со прелет во Истанбул, кој започна во Абиџан. Оставив зад себе три интензивни години во Западна Африка за да се преселам во срцето на Балканот. Од нашата Амбасада во Брегот на Слоновата Коска до нашата Амбасада во Северна Македонија, радикална промена на амбиентот, но иста мисија: промоција на интересите на мојата земја и заштита на нејзините граѓани. Таков е дипломатскиот живот, постојана промена на пејзажот и постојанa вежба на приспособување.
Моето пристигнување во Скопје среќно се совпадна со прославувањето на 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете наши земји, минатата година. Балансот на односи сите овие години и особено нивната перспектива во иднина, беа главна тема на разговор меѓу нашите министри за надворешни работи, Тимчо Муцунски и Хозе Мануел Албарес, на средбата што ја имаа во Мадрид, на 11 септември минатата година. Па наскоро ќе биде и една година од таа важна средба. Шпанија и Северна Македонија се две пријателски и сојузнички земји, географски оддалечени, но парадоксално многу блиски, особено преку заедничкиот медитерански дух, европската ориентација и, на личен план, сличниот темперамент и начин на гледање на животот. Постои еден заеднички белег меѓу Македонците и Шпанците, кој особено ми се допаѓа и би сакал да го истакнам, а тоа е чувството за хумор, кое секогаш ни помага да се соочиме со секој предизвик или проблем.
Една година по моето доаѓање, особено со оглед на онаа министерска посета, е повеќе од доволна причина да се направи преглед на ситуацијата.
Нашите билатерални односи неизбежно се поставени во контекст на процесот на проширување на ЕУ и европските аспирации на Северна Македонија. За Шпанија, членството во Европа, уште во далечната 1986 година, претставуваше историска можност да се биде дел од проект на просперитет и развој преку изградба на заеднички простор на вредности и принципи. Не може да се разберат забрзаната модернизација на мојата земја и продлабочувањето на нашиот систем на слобода и права без да се земе предвид нашето учество во европскиот проект. Искрено, не гледам причинa зошто Северна Македонија не би можела да искуси слична промена. Свесен сум за многуте тешкотии во процесот и за заморот кај граѓаните поради тоа што веќе 20 години е земја кандидат без да се отворат преговори за членство. Сега е вистинското време за Северна Македонија, но и за сите нас што веруваме дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан ќе ја зајакне европската конструкција. Оваа порака беше присутна на многуте средби на европските лидери што го посетија Скопје и беше дел од агендата на сите хиспано-македонски размени, кои се реализираа, на различни нивоа, во текот на изминатата година.
Во овие месеци, можеше да се објави дека нашите две земји се малку поблиску, особено за нашите граѓани. Од мај веќе функционира директниот лет меѓу Барселона и Скопје, а на 28 октомври ќе биде отворена и врската Скопје – Мадрид. Ова ќе биде прв пат главните градови на нашите две земји да бидат поврзани со директен лет. Воздушната поврзаност е клучна за промовирање на текот на туризмот во двете насоки, како и на трговските, образовните и културните врски. Запознавањето подобро ќе ни овозможи да правиме повеќе заеднички работи. Постоењето на овие две врски, благодарение на „Визер“, не нè спречува во заедничкиот напор да продолжиме да се стремиме кон тоа да има повеќе авиокомпании во иднина што ќе вложуваат во подобрување на нашата поврзаност. Убеден сум дека сè уште постои потенцијален пазар што треба да се искористи.
Во контекст на посетите на високи ниво, беше големо задоволство учеството на претседателката Сиљановска-Давкова на Конференцијата на Обединетите нации што се одржа во Севиља, пред неколку недели. Во рамките на оваа важна мултилатерална средба, претседателката имаше можност да се сретне со Неговото височество, кралот Фелипе VI и со претседателот на Владата, Педро Санчез. Заедно со македонската Влада, продолжуваме да работиме на креирање агенда за посети на високо ниво, што ќе им овозможи на нашите политички лидери да продолжат со продлабочувањето на нашата билатерална врска.
Со трговска размена близу 300 милиони евра и со благ суфицит во корист на македонските извозници, сè уште постои голем простор за подобрување. Исто така, постои простор за подобрување кога станува збор за запознавањето на македонскиот пазар од страна на шпанските компании. Некои од нив неодамна добија неколку проекти што добиваат претпристапно финансирање, а други се во тек на преговори за реализирање проекти во оваа земја. Шпанските компании се многу конкурентни во секторите како обновливa енергија, водоснабдување и отпадни води и сите видови инфраструктура – области во кои Македонија сака да реализира важни проекти. Продолжуваме да работиме со цел нашите компании да ги запознаат подобро можностите на македонската економија.
Во областа на образованието, се залагаме за универзитетска мобилност, поттикнувајќи го присуството на повеќе македонски студенти на шпанските универзитети преку програмата „Еразмус+“ и преку билатералната соработка. Исто така, за мојата земја е важно да се стимулира наставата на шпански јазик, еден од најважните јазици во светот, во образованието на земјата. Се надевам дека наскоро ќе биде можно да се воведе во основните нивоа на образовниот систем. На универзитетски план, ми претставува задоволство што Катедрата за романски јазици при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ нуди 30 места за студирање на додипломски студии по шпанска филологија за наредната академска година 2025/2026 година.
Во текот на оваа година, имав можност и лично да се уверам во големата привлечност што ја има културната програма на Амбасадата за многу Македонци, кои се воодушевуваат од музиката, уметноста и од шпанскиот филм. Сè што правиме се темели на принципот да се создаде простор за дијалог меѓу уметниците и творците од двете наши земји. Имаме неколку изненадувања подготвени за следните месеци, кои ќе ги откриете следејќи нè на нашата веб-страница и на социјалните мрежи.
Не сакам да пропуштам, а да не ги споменам, во контекст на големата европска солидарност што се покажа по трагедијата во Кочани, седумте млади луѓе што добија медицинска нега во болниците во Мадрид. Шпанија секогаш е блиску кога е потребно.
Секое градење односи меѓу земјите неизбежно е недовршена симфонија, континуиран процес на создавање мостови на меѓусебно разбирање и спроведување заеднички проекти. Патот што го поминавме меѓу нашите две земји е долг и исполнет со важни достигнувања. Но, убеден сум дека најдоброто допрва доаѓа. Ова е наша надеж и наша обврска.
(авторот е амбасадор на Шпанија во Македонија)