Шпанскиот туристички сектор е еден од моторите на националната економија. Дозволете ми да го сумирам во неколку податоци. Во 2024 година примивме повеќе од 93 милиони туристи, кои генерираа приходи од повеќе од 110.000 милиони евра. Туристичката индустрија во мојата земја претставува 13 % од националниот БДП и вработува повеќе од 2.800.000 лица. Овие извонредни резултати ги имаат како предизвик постојаните обнова и адаптација. Оваа цел се постигнува благодарение на континуираната јавна политика за поддршка на секторот и на заедничкиот напор на јавните и на приватните оператори, кои ја прават Шпанија една од најпрепознатливите туристички дестинации во светот.
Се разбира, мојата земја има многу што да им понуди на посетителите, почнувајќи од сонцето и плажите, кои, традиционално, ги привлекуваат туристите од Северна Европа. Но, исто така, како последица на претходно споменатата адаптацијата на секторот, различни дестинации, кои значително го проширија профилот на нашите посетители. Културниот, гастрономскиот, спортскиот, природниот, религиозниот и јазичниот туризам привлекуваат сè повеќе туристи. Оваа ситуација е поврзана со десезоналицацијата на патувањата, односно не се ограничува туризмот само на летните месеци туку се остваруваат патувањата во текот на целата година. Како пример, доволно е да се спомене дека во првите три месеци од 2025 година бројот на туристи во Шпанија се зголемил за 5,7 % во споредба со претходната година. Во секој случај, наспроти предизвиците на глобалниот туризам и појавата на новоизникнати пазари, Шпанија продолжува да вложува во туризмот, како еден од столбовите на нејзината економија. Изгледа дека и резултатите го потврдуваат ова вложување. Не може да се разбере шпанската економија без туризмот, особено кога се однесува на секторите сместување и угостителство.
Туристичката промоција на Шпанија во Северна Македонија е, исто така, многу важна димензија во работата на нашата Амбасада. Во овие осум месеци што поминаа од моето пристигнување во Скопје, со сигурност можам да потврдам за интересот и за љубовта со кои ја гледаат Македонците мојата земја. Многумина веќе имале можност да патуваат во Шпанија, а многумина планираат да го направат тоа наскоро. Туризмот е, покрај тоа, врата што се отвора во двата правца. Колку повеќе Македонци ќе ја изберат Шпанија како своја туристичка дестинација толку полесно ќе им биде на шпанските туристи да ја откријат Северна Македонија. Ништо подобро не го опишува мостот што поврзува две земји од туристичките текови. Затоа се надевам дека во следните години македонскиот туризам ќе ја најде својата патека и ќе придонесе значително за економијата на земјата и за создавање нови работни места. Кога би се случило тоа, ми се чини логично дека големите хотелски и туристички компании од Шпанија би започнале да ја разгледуваат, како што веќе го имаат реализирано во другите земји на Западен Балкан, можноста за инвестирање и во оваа земја. Искрено верувам дека станува збор за предизвик што може да донесе заемни придобивки. Јавните власти на нашите две земји, заедно со приватните оператори од секторот, веќе доаѓаат до договор за иницијативи што би можеле да го реализираат овој предизвик.
Токму еден од најитните предизвици со кои треба да се соочиме во следните месеци е аеродромската поврзаност. Во моментов, само една авиокомпанија обезбедува директен лет меѓу нашите две земји. Се работи за „Визер“, која пред неколку дена отвори врска помеѓу Скопје и Барселона, лет што се одвива двапати неделно. Тоа е добра вест, но не треба да се задоволиме со тоа. Сакам да гледам на неа само како на почеток на идната мрежа на хиспано-македонски воздушни патувања. Веќе неколку месеци охрабруваме повеќе авиокомпании да го разгледаат отворањето летови за Шпанија од Скопје. Македонската Влада и ТАВ, операторот на аеродромот, нудат субвенции и поттикнување за отворање нови маршрути. На пример, имав можност да ги погледнам извештаите за потенцијалите на пазарот на релација Скопје – Мадрид и ве уверувам дека апсолутно сум убеден во профитабилноста на оваа линија. Сега останува да ги убедиме авиокомпаниите. И како што споменав претходно, успехот на една таква операција зависи од туристичките текови во двата правца. Не само од Македонците што би патувале во мојата земја туку и од Шпанците што би го откриле овој скриен балкански бисер. Директниот лет е, без сомнение, најголемиот поттик што може да го има туризмот. Во овој случај, би овозможил врска за нешто повеќе од три часа наспроти повеќе од девет што се потребни сега за едно патување од Скопје до Мадрид, а, исто така, и значително би ја намалила цената на билетите. Дополнително, летот до Мадрид би овозможил поврзување со која било друга дестинација во Шпанија или користење на европскиот хаб, кој е аеродромот „Мадрид-Барахас“ за патување во Латинска Америка.
Пред нас е летото, традиционален период за заминување на одмор, и многу македонски семејства ќе размислуваат каде да одморат неколку дена, но, исто така, и за истражување, авантура и за нови искуства. Во Шпанија ве очекуваме со раширени раце, исто како што нè пречекуваат нас, оние што живееме во оваа сакана земја, овде.
(авторот е амбасадор на Шпанија во Македонија)