Сигурно сте ја слушнале приказната што вели дека во текот на целиот живот еден може да смени партнер, религија, политичка приврзаност, па дури и пол, но ако има едно нешто што секогаш останува непроменето, тоа е лојалноста кон својот фудбалски тим. Замислувам дека ако е така во Шпанија, истото мора важи и тука. Емоционалните врски што ги развиваме со боите на нашиот тим се со нас засекогаш, и секој македонски навивач што ги чита овие редови точно знае за што зборувам. Секако, ова е можно и во други спортови (неодамна го гледав жестоко конкурентниот ракометен натпревар помеѓу Вардар и Пелистер и можев од прва рака да го видам жарот на двата тима навивачи), но кулминацијата се достигнува кога станува збор за фудбал.
Се вели дека фудбалот е крал на спортовите, а несомнено е светски спорт пар екселанс. Неговата супериорност е несомнена во Европа, Америка и Африка, а во последниве години постојано добива популарност во Азија, па дури и во Австралија. Знам дека ракометот и кошарката исто така играат значајна улога во наклонетоста на македонските навивачи, но фудбалот има многу посебна привлечност. Не само во однос на националното натпреварување (Прва лига) или на ниво на национални тимови, туку и во следењето на различните европски лиги. Доволно време сум веќе во Скопје – наскоро ќе наполнам една година – за да можам да кажам дека шпанската лига има посебно место во срцата на македонските навивачи. Не постои место во земјата што ја посетувам, без разлика колку е мало, каде што, кога разговарам со луѓето, не го споменуваме шпанскиот фудбал. Тука во Скопје, Велес или во Битола, сезоната на лигата се следи речиси исто толку интензивно како и во Шпанија.
Така, фудбалот, а особено шпанската лига, станува мост на разбирање и сочувство меѓу нашите две земји, јазик на комуникација што нè зближува. Познавам Македонци кои одлучиле да го изучуваат шпанскиот јазик поради нивните симпатии кон одреден клуб во нашата лига, или кои патуваат во Шпанија, секогаш кога имаат можност, за да го гледаат својот омилен тим во живо. И токму во овие пригоди страста кон фудбалот се трансформира во дипломатија, извонредна можност за продлабочување на шпанско-македонските односи.
За сликата на македонскиот фудбал во Шпанија имаат придонесено и извонредните играчи од оваа земја кои играле или сè уште играат во Шпанската лига, како што се Барди, Димитриевски и Миовски, кои придонесоа за имиџот на македонскиот фудбал во Шпанија. Се надевам дека во наредните години, растот на македонскиот фудбал ќе ни овозможи да имаме повеќе играчи од оваа земја во Лигата. Токму за да ја прославиме важноста на фудбалот во нашите односи, имаме намера да го презентираме, веднаш по летото, првиот шпанско-македонски фудбалски речник, академска иницијатива која се стреми кон спортски и образовни вредности. Не станува збор само за учење повеќе за фудбалот, туку и за промовирање на изучувањето на јазиците, туризмот, културата и гастрономијата. Ако еден јазик, шпански или македонски, е душата на една нација, јазикот на фудбалот е алатка за меѓународна комуникација што обединува и создава заедница.
Но, фудбалот не е само елитен спорт; тој е достапен за сите, особено за децата. Бев воодушевен што можев да се приклучам на иницијативата на мојот пријател министерот Борко Ристовски по повод Европскиот ден „Биди активен“, кој промовира здрави навики за живот, што несомнено вклучува редовни спортски активности. Можев да бидам сведок на работата за промовирање на спортот во повеќе дисциплини, кај сите возрасти, вклучувајќи ги, се разбира, и лицата со попреченост. Исто така, неодамна, имав можност да присуствувам на фудбалскиот камп организиран од Академијата на ФК Барселона на стадионот на ФК Шкупи. Во текот на една недела, 150 момчиња и девојчиња, на возраст од шест до петнасет години, имаа можност да тренираат заедно со професионалци од Академијата на еден од водечките светски клубови. Организаторите ме замолија да кажам неколку зборови на церемонијата на отворањето, и кога ги погледнав децата, на нивните лица видов неопислива возбуда еден ден да станат фудбалска ѕвезда, нов Ламин Јамал или нова Аитана Бонмати (бидејќи фудбалот веќе не е само за момчиња). Им кажав дека фудбалската школа не е само можност за подобра игра или подобрување на вештините, туку и начин за учење важни животни вредности како што се тимска работа, дисциплина, солидарност и пријателство. Се надевам дека овие активности за обука на фудбал на локално ниво со шпанските клубови ќе бидат зајакнати во иднина. Веќе го предлагаме ова иницијата на Македонската фудбалска федерација.
И на крај, ќе ви раскажам една лична анегдота за да можете да видите како фудбалот ги дефинира и нашите животи. Мојата прва задача кога се приклучив на дипломатската служба беше во нашата амбасада во Софија, каде што се приклучив во август 1994 година. Само еден месец претходно, нашите две земји воспоставија дипломатски односи. Случајно, судбината сакаше во октомври истата година, Македонија и Шпанија да играат квалификациски натпревар за Европското првенство во Скопјe. Бидејќи сè уште немавме отворено амбасада во македонскиот главен град, Министерството за надворешни работи ме испрати од Софија да ја придружувам нашата репрезентација. Бев првиот шпански дипломат што го посети Скопјe по воспоставувањето на дипломатските односи. Каков прекрасен гест на судбината што точно 30 години подоцна имам огромна чест да ги претставувам интересите на Шпанија во Северна Македонија.
Каков беше резултатот од тој натпревар? Не е важно; она што го паметам е дека тоа беше историски настан во кој и Шпанците и Македонците почнаа подобро да се запознаваат. И тој натпревар продолжува сега, со посветеност да продолжиме да ги зближуваме нашите две земји. Во тој потфат, а за разлика од фудбалот, двете страни победија.
(авторот е амбасадор на Шпанија во Македонија)