„Аматери“ во режија, авторство и музика на Синиша Евтимов е новата театарска претстава на Театар Комедија, која премиерно ќе се изведе вечерва (15 октомври), со почеток во 20:00 часот.
– „Аматери“ е сатирична и експлозивна театарска претстава што ги меша историјата, поп-културата и современиот апсурд во еден хаотичен, магично-забавен свет. Од солунските атентати, преку партизаните во фортнајт-универзумот, до пародичните реклами за Кавадарци, козметика и хотели – сè е дозволено и ништо не е свето. Преку динамични сцени и ликови што постојано се движат меѓу митот и реалноста, „Аматери“ поставува прашања за идентитетот, историјата, смислата на животот и за сè друго. Ова е претстава за револуционери и будали, за љубовници и предавници, за партизани и инфлуенсери – за сите нас што од љубов кон идејата или хаосот остануваме аматери – посочуваат за претставата од Театар Комедија, додавајќи дека таа ја брише границата меѓу смеењето и плачењето, меѓу историјата и фикцијата, меѓу трагедијата и фарсата.
Во претставата играат: Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски, Сергеј Димоски, Тони Денковски, Виктор Арсов, Јаков Спасов, Столе Мицов, Илија Илиоски, Жарко Димоски, Жаклина Петровска, Маја Љутков и Елена Кузманов. Сценографијата, костимите и дизајнот на видеото се на Илина Ангеловска, а асистент на режиja е Борjан Стоjков.
Како што истакнуваат од Театарот, оваа претстава ја одбележува педесеттата премиера по ред од основањето на Театар Комедија и претставува значаен јубилеј во неговата историја.
Првата реприза е закажана за 16 октомври.
Фото: Кире Галевски