
Хулијан Алварес го известил раководните лица на Атлетико (М) дека престанува да тренира со тимот. Аргентинскиот напаѓач ја донел одлуката откако не разговарал со тренерот Диего Симеоне за трансферот што го бара веќе подолг период, објави „Мундо Депортиво“.
Алварес сè уште инсистира да оди во Барселона, желба што првпат јавно ја изрази за време на Светско првенство. Откако дознал дека клубот нема да му дозволи да се пресели на „Ноу Камп“, Аргентинецот испратил јасна порака до тренерот Диего Симеоне и до извршниот директор, Мигуел Анхел Хила, дека повеќе не можат да сметаат на неговите услуги.
Според шпанскиот весник, аргентинскиот напаѓач верува дека тренерот немал храброст да му се спротивстави, иако Симеоне знаел дека Алварес сака да го реши својот статус. Играчот не очекувал Симеоне да оди на дводневен одмор на Ибица токму во моментот кога било објавено неговото враќање во клубот на разговори.
Алварез е подеднакво разочаран од однесувањето на Жил Марин, другото лице во клубот кое може да го одобри неговиот трансфер, кој исто така е на одмор. Играчот имал намера да ја реши ситуацијата мирно и преку дијалог, но не му била дадена можност за тоа.
Затоа, Алварес им дал јасна порака на присутните во центарот на клубот за неговите следни чекори. Неговите изјави биле кратки: „Не сметајте на мене“ и „Нема да тренирам повеќе“. Се очекува напаѓачот да престане со тренинзите во среда, кога Симеоне ќе се врати од одмор и ќе го преземе тренингот. Од тој момент, аргентинскиот тренер повеќе нема да може да го одложи состанокот.
Алварес тврди дека во февруари клубот ветил дека ќе му дозволи да си замине за време на летниот преоден рок. Сега тој донел конечна одлука и е решен да ги искористи сите опции за да обезбеди трансфер во Барселона.











