Поради оштетен мост и свлечиште на делницата Либражд – Прењас во Албанија, сообраќајот на граничниот премин Ќафасан е во прекин. По иницијатива на „Макам-транс“ и во координација на царинските управи на Македонија и на Албанија, како привремено решение е отворен преминот Блато за товарни возила. Натоварените камиони ќе се пропуштаат во ограничен временски период, додека празните ќе можат да сообраќаат 24 часа. Мерката ќе важи сè до целосна нормализација на состојбата на патниот правец.
Поради затворањето на патниот правец во Албанија, на делницата Либражд – Прењас, како резултат на оштетување на мост и свлечиште, Асоцијацијата „Макам-транс“ информира дека од денеска во периодот од 12:00 до 22:00 часот, како и секој нареден ден до целосно надминување на проблемот, товарните моторни возила (празни и полни) ќе можат да минуваат од албанска страна и преку граничниот премин Блато да влегуваат во Македонија.
Од Асоцијацијата упатуваат неколку важни напомени до превозниците. Товарните возила задолжително треба да поседуваат кантарски белешки од местото на утовар, или при влез во Албанија да обезбедат кантарска потврда, бидејќи на преминот Блато нема вага. Исто така, превозниците со полни возила претходно треба да побараат од назначената шпедитерска куќа внесување на податоците во царинскиот систем, со оглед дека на овој премин нема шпедитери кои изработуваат документација.
Фитосанитарниот преглед за товарните возила ќе се врши до 18:00 часот. За стока што подлежи на ветеринарен преглед или се работи за акцизни производи, задолжително ќе треба да се користи граничниот премин Блаце.
Во меѓувреме, од Царинска управа на Албанија изразија благодарност до македонските власти за разбирањето и соработката. Генералниот директор Бесмир Беја изјави дека сè додека не се нормализира состојбата на патниот правец Ќафасан – Елбасан, ќе се користат алтернативни гранични премини. Според него, стоката што влегува од македонска територија ќе се обработува преку царинската филијала на Блато кај Дебар, при што се зголемува бројот на царински службеници за да се одговори на зголемениот проток на возила.
Беја појасни дека натоварените камиони и приколки ќе можат да транзитираат преку Блато од 12:00 до 22:00 часот, додека празните товарни возила ќе можат да сообраќаат 24 часа. Притоа, македонската страна не дозволува премин на прехранбени производи од животинско потекло и нафтени деривати преку овој контролен пункт.
Дополнително, камионите кои веќе влегле на царинската територија на Албанија преку филијалата „Ќафасан“ кај Струга ќе треба повторно да излезат и да влезат преку Блато, користејќи го националниот режим на надворешен транзит согласно албанското законодавство.
Проблемите настанаа поради големо свлечиште и оштетувања на коловозот и мостот на делницата Либражд – Прењас, дел од Коридорот 8, поради што од неделата сообраќајот од Ќафасан кон внатрешноста на Албанија е целосно блокиран, а голем број камиони останаа заглавени на преминот.
(С.Бл.)












