Комисијата за хартии од вредност (КХВ) донесе решение со кое ѝ се издава дозвола на српската Алта банка за давање понуда за преземање на Стопанска банка АД Битола.
– Понудата за преземање се однесува на 371.538 обични акции со право на глас, издадени од Стопанска банка АД Битола, кои, заедно со 19.439 обични акции со право на глас што ги поседуваат преземачот и лицата со кои дејствува тој заеднички, претставуваат 100 % од нејзината основна главнина. Преземањето на хартиите од вредност ќе се врши по цена од 3.777 денари за акција – се вели во информацијата од КХВ.
Оттаму појаснуваат дека ќе се смета понудата за успешна доколку акционерите на Банката продадат минимум 70,03 отсто од акциите.
– Понудата ќе се смета за успешна доколку биде прифатена од акционери што поседуваат најмалку 273.795 обични акции, кои претставуваат 70,03 % од вкупниот број обични акции со право на глас, издадени од Стопанска банка АД Битола. Притоа, преземачот и лицата што дејствуваат заеднички со него би поседувале 75 %, плус една акција од вкупниот број обични акции со право на глас, издадени од Стопанска банка АД Битола – велат од КХВ.
За сите акции на битолската банка, преземачот од Србија треба да плати 1,4 милијарди денари или 22,8 милиони евра.