
Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз ја освои титулата на последниот гренд слем турнир, САД Опен, откако го победи Италијанецот Јаник Синер во финалето, со 3:1 во сетови. Тој се прикажа во далеку подобро издание од Италијанецот и заслужено дојде до вкупно шестиот пехар на најголемите тениски турнири.
Алкараз има 22 години и ако продолжи во ваков стил, ритам, може да паднат и многу рекорди. Тој, како што е познато, е предводен од Хуан Карлос Фереро, кој смета тој ќе освои најмалку 20 гренд слем титули.
– Не можам да престанам да мислам дека ќе стигне до 20 гренд слем титули. Секако, не смееме да брзаме, туку да одиме ден по ден. Тој има потенцијал. Може да освои многу гренд слем титули, но не смееме да го земаме тоа здраво за готово. Следната цел е Австралија опен. Пред нас е многу напорна работа во декември – истакна Фереро.
Тој ја спореди оваа сезона со 2022 година.
– Сега има многу повеќе искуство. Се справува многу подобро со нервозата, со сè што се случува во овие ситуации. Му беше совршено јасно што треба да направи во финалето. Пред три години, играше импулсивно, а сега ги „чита“ натпреварите многу подобро – порача Фереро.