Карлос Алкараз блескаше повеќе од Трофејот на мускетарите, по најтешката можна одбрана на минатогодишниот успех на грен-слем турнирот Ролан Гарос, но на неговото лице сè уште можеше да се види голем замор.
– Највозбудлив натпревар во мојата кариера, без сомнение. Овој меч имаше свои добри и лоши моменти и горд сум на тоа како се справив со сè денес. Ова е моја прва победа по негативата од 2:0 во сетови и не можеше да биде подобра можност за такво нешто – финалето на грен-слем – вака Алкараз го започна разговорот со медиумите.
Овој натпревар веќе стана дел од оние легендарните, како оние за соперништвото меѓу Борг и Мекенро, Федерер и Надал на Вимблдон 2008, Ѓоковиќ и Федерер на Вимблдон 2019.
– Искрено, ако луѓето го стават овој натпревар на исто ниво како споменатите, тоа е голема чест. Не знам дали е на тоа ниво, тие натпревари се во историјата на тенисот и во историјата на спортот. Ќе им оставам на другите луѓе да зборуваат за тоа, а јас сум среќен што го запишав моето име во историјата на Ролан Гарос. Морав да се борам цело време, морав да верувам во себе цело време. Кога направи брејк на почетокот од третиот сет, почувствував дека сè оди во негова корист, дека удира сè, дека ќе биде негова титулата, но се обидов да ги отстранам тие мисли и да се борам. Публиката ми беше многу важна, особено некои сегменти од публиката што навистина ми беа ветер в грб. Без нив, ќе беше невозможно да се вратам – истакна Шпанецот.
Го прашаа дали е свесен дека е во најдобра форма кога е најважно – во четвртиот и во петтиот сет.
– Секогаш се повторувам, но едноставно морав да бидам храбар и да преземам ризици, дури и ако беше тоа тој брејк во петтиот сет. Не беше момент да се плашам од грешки. Мислам дека клучот беше што верував во себе. Не се сомневав во себе. Играм најдобро кога е најпотребно, бидејќи тогаш сум агресивен. Имаше периоди кога нивото на игра беше „лудо“. Се прашував што можам да направам против него. Не промаши ниту една топка. Искрено, размислував и за гледачите. Уживав да играм на толку високо ниво, уживав и во таа битка. Понекогаш беше нереално – кажа Карлитос.

Алкараз го освои својот петти грен-слем за 22 години, исто како Рафаел Надал.
– Сè уште не сум свесен дека го направив тоа, тоа е првиот чекор. Тоа што го освоив петтиот слем на иста возраст како Рафа е судбина, тоа е статистика што секогаш ќе ја имам за себе. Тоа е голема чест. Се надевам дека нема да престанам – кажа Алкараз.
Ова беше трето грен-слем финале во кое тој го врти резултатот во своја корист.
– Подобро би победил во три сета, нема да ве лажам. Сепак, кога сум притиснат до ѕид, продолжувам да се борам. Не е време да се заморите, да се откажете, туку да се борите и да го чекате моментот. Вистинските шампиони се калат во такви ситуации, во ситуации под притисок, кога добро се справуваат со тоа… Тоа е она што го правеа големите шампиони во своите кариери. Се обидувам да не се плашам од таква ситуација – кажа Алкараз.
Шпанецот досега има освоено пет грен-слем титули, 20 АТП-титули, и го направи тоа на уникатен начин, па медиумите беа заинтересирани што ќе му донесе иднината.
– Не знам што може да се случи во иднина, сакам да продолжам по мојот пат, да ги правам работите на мој начин. Ако направам грешка, ќе се помирам со тоа и ќе продолжам понатаму. Важно ми е да уживам во тоа. Можеби некои не размислуваат како мене, не веруваат дека е можно, други, пак, веруваат. Постојат различни мислења, но, за мене, најважно е што мислиме јас и луѓето од мојот тим. Кој знае што ќе се случи во иднина. Горд сум на начинот на кој работам – заврши старо-новиот шампион на турнирот во Париз.