Андре Агаси е воодушевен од начинот на кој Карлос Алкараз го освои Ролан Гарос. Шпанецот, по пресврт, го победи Јаник Синер по пет сета епска битка и го освои петтиот Гренд слем во кариерата.
- Алкараз ги има сите квалитети на големата тројка. Тој се движи како вонземјанин, не игра дефанзивно дури ни кога е целосно во аголот – изјави Агаси за „Punto de break“.
Агаси потоа го спореди Алкараз со најдобрата тројка во тенисот – Ѓоковиќ, Надал, Федерер.
- Мора да запомните, овој човек ја има одбранбената брзина на Новак Ѓоковиќ, ако не и повеќе. Тој го има чувството на Роже Федерер, ако не и повеќе. Тој ја има брзината на Рафаел Надал, ако не и повеќе. Секако, сето тоа треба да се состави во еден дел. Само затоа што е подобар од тројцата големци во некои аспекти, не значи дека ќе го прави она што го направиле тие. Лошите одлуки, повредите и среќата имаат големо влијание. Постојат многу фактори кои влијаат на нечија кариера – истакна Агаси.
Агаси е уверен дека Шпанецот има шанса да го освои Вимблдон, што би бил негов трет последователен триумф.
- Неговата најдобра подлога е помеѓу земја и трева. Можеби трева. Причината за тоа нема никаква врска со неговите удари, туку со брзината на неговото движење во споредба со неговите ривали – потенцираше Агаси.