epa11903319 Carlos Alcaraz of Spain in action during his first round match against Marin Cilic of Croatia at the Qatar Open tennis tournament in Doha, Qatar, 17 February 2025. EPA-EFE/NOUSHAD THEKKAYIL

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз го победи Италијанецот Јаник Синер четврти пат по ред, овој пат најубедливo откако се роди новото најголемо соперништво во „белиот спорт“. Иако се врати од принудната тримесечна пауза, дефинитивно обидувајќи се да го врати ритамот, Јаник Синер сигурно беше фаворит на своето „Форо Италико“.

Серијата од 26 натпревари без пораз, дури 94 во кои освои барем еден сет, 22-годишникот од Мурсија ја прекина во финалето на мастерсот во Рим. Двајцата сега се целосно изедначени кога станува збор за АТП-титулите, имаат по 19, од ист број обиди – 25 финалиња. Сепак, Алкараз се гордее со повеќе грен-слем титули и со оние од серијата 1.000.

Во Рим, Карлитос уште еднаш покажа дека практично никогаш не губи големо финале, освен кога е Новак Ѓоковиќ од другата страна на мрежата. Во својата кариера, беше поразен шест пати на натпреварите за трофеј. Најболните се случија во Синсинати, во 2023 година и на Олимписките игри, во 2024 година.

Тој стана само петтиот играч што освоил три различни мастерс-турнири на земјена подлога. Заедно со него, тоа успеаја да го направат само Марсело Риос, Густаво Куертен, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ.

Пуленот на Хуан Карлос Ферер досега освои четири грен-слем титули во споредба со трите на Синер. Титулите на Синер се освоени на бетон, додека Алкараз триумфираше на бетон, трева и на земја, што јасно ги покажува неговата разновидност и добрата игра на сите подлоги.

Клучната област во која има предност пред својот ривал е мастерсот. Тој победи на седум од нив, а Синер на четири, повторно само на бетон. Единствената голема титула што ја освои Синер, а Алкараз ја нема, е завршниот мастерс-турнир во Торино, минатата сезона.

– Ако не играм најдобро што можам, 10/10, невозможно е да го победам. Затоа сум многу фокусиран кога играм против него, се чувствувам поинаку кога се соочувам со него – рече Алкараз.

Синер доби таква аура што кога ќе излезете на терен против него, се чувствувате малку исплашено. Тоа е како да играте против машина. Јаник беше доста солиден и во финалето во Рим, но во клучните поени и размени, како по правило, Карлос излегуваше како победник.

Двајцата ривали ќе настапат на Ролан Гарос, турнир што почнува на 25 мај и нема да може да се сретнат сè до финалето, бидејќи се поставени како прв и втор носител.

 

ИЗДВОЕНИ