EPA/NEIL HALL EDITORIAL USE ONLY

Италијанскиот тенисер Јаник Синер, е освојувач на грен слем турнирот Вимблдон,  откако во финалето го победи најголемиот ривал Шпанецот Карлоз Алкараз со 4:6, 6:4, 6:4, 6:4. Мечот на „Централниот терен“ во Лондон му припадна на првиот светски рекет, иако го загуби првиот сет. Ова е еден вид на одмазда за поразот во финалето на Ролан Гарос, откако Синер тогаш имаше предност од 2:0 во сетови, но потоа дозволи пресврт.

„Неверојатен турнир за мене и мојот тим. Сакам да им се заблагодарам на сите за поддршката што ја чувствував овие две недели во Лондон. Не ми пречеа звуците од шампањите, знам дека и навивачите сакаат да се забавуваат, ова е скап турнир и за нив.

Карлос одигра феноменално, навистина е лудо каква техника поседува. Нашиот однос е прекрасен надвор од терените, а се надевам дека ривалството ќе расте уште повеќе во иднина. Мислам дека пред нас се светли години, исполнети со уште многу квалитетни дуели“, рече Синер.

Синер со оваа победа уште повеќе ќе се зацврти на лидерското место на АТП листата. За победата на Вимблдон, Италијанецот ќе добие парична премија во висина од три милиони фунти.

Шпанецот Карлос Алкараз, пак во манир на скромно момче му честиташе на Јаник Синер за освоената титула на Вимблдон.

„Тешко е да се прифати пораз во финале на Вимблдон, но Јаник одигра одлично минатата недела и заслужи да го освои трофејот. Можев да одиграм далеку подобро, ќе пробам да ги намалам грешките во иднина.  Ова ривалство со Синер е феноменално, се надевам дека ќе трае уште многу години. Мојот колега беше одличен на овој турнир, честитки за него, за неговиот тим и за целото негово семејство“, изјави Алкараз.

Алкараз имаше можност да стане само петтиот тенисер кој успеал трипати во низа да триумфира на „Ол Ингланд Клубот“, но потклекна пред првиот светски тенисер.

ИЗДВОЕНИ