EPA/JOEL CARRETT AUSTRALIA AND NEW ZEALAND OUT

Поранешниот светски тениски рекет број еден, Германецот Борис Бекер, е воодушевен од Карлос Алкарас по Отвореното првенство на Австралија. Шпанецот го победи Новак Ѓоковиќ со 3:1 во сетови со пресвртот во големото финале.

„Извонредно. Огромна почит, навистина импресивна игра од Алкарас. Не изгледаше така на почетокот, бидејќи Ѓоковиќ одигра сензационален прв сет. Но, како што одминуваше натпреварот, Алкарас изгледаше порелаксиран“, рече Бекер.

Во продолжението на дуелот, на Бекер му беше јасно дека Шпанецот ќе слави.

„Нападите на крајот ми ставија до знаење дека времето на Новак истекува тој ден. Алкарас го има целиот тениски свет пред себе. Полуфиналето против Зверев беше тесно, но во финалето беше едноставно исклучителен“, додаде Германецот.

Ова беше првата титула за Алкарас на Отвореното првенство на Австралија, со која ги комплетираше сите трофеи од гренд слем.

Со триумфот во Мелбурн, младиот Шпанец не само што стигна до уште еден гренд-слем трофеј туку и постави неколку импресивни рекорди, со што уште еднаш го потврди својот статус како еден од најголемите таленти во историјата на тенисот.

Алкарас стана еден од само двајцата тенисери под 23 години кои успеале да освојат седум титули од гренд слем турнирите, приклучувајќи му се на легендарниот Бјорн Борг. Податок што дополнително ја нагласува неговата доминација во толку рана фаза од кариерата.

Покрај тоа, Шпанецот влезе во историјата и како играч на кој му биле потребни најмалку настапи во главните ждрепки за да стигне до бројката од 25 освоени титули – само 86 турнири, што претставува рекорд во модерната ера на тенисот.

Со трофејот во Австралија, Алкарас стана и шестиот тенисер во ерата на Отвореното првенство, кој успеал да победи на сите четири гренд-слем турнири, а воедно и најмладиот во историјата со комплетирана колекција на гренд-слем титули. На тој начин го надмина рекордот на Дон Баџ, поставен уште далечната 1938 година.

 

ИЗДВОЕНИ