Ракометниот клуб Алкалоид, во сабота го игра реваншот против бундеслигашот РК Хановер-Бургдорф во рамки на квалификациите во Европската лига на ЕХФ. Првиот меч од битката за место во групната фаза заврши со победа бундеслигашот (37:27) и нашите играчи се пред мисија да се надополни тој минус, за место во групната фаза.
„Ни следи реваншот во квалификациите за Европската лига со Хановер, за кого не треба да се трошат зборови. Повеќе од осум месеци беше лидер во најдобрата лига на светот, а оваа година е засилен со искусни играчи. Мене ми е жал што загубивме со нереални и неочекувани за мене десет гола разлика. Во сабота е убав ден, затоа што ќе го подигнеме европскиот пехар кој го освоивме лани со тимот кој постои само три години и кој е базиран на македонски играчи. Не е убаво чувството со минус десет од Германија да дигаме пехар, но ќе се прилагодиме и ќе се обидеме да се израдуваме колку што можеме пред мечот, а на мечот достоинствено да го презентираме македонскиот ракомет. Сакам еден комплетен натпревар, им кажав на играчите дека мора сите да го оставиме срцето на терен заради нас, заради проектот, заради навивачите. Се надевам дека ќе имаме комплетен натпревар, а како тоа ќе биде, ќе видиме по 60 минути. Колку и ние да се надевавме, се работи за еден супер-квалитетен противник“, изјави тренрот на „фармацевтите“ Кирил Лазаров.
Натпреварот меѓу РК Алкалоид и РК Хановер-Бургдорф се игра во сабота со почеток од 19:30 часот во салата „Автокоманда“. На овој дуел ќе има и посебен момент за нашиот тим затоа што ќе го добие ланскиот освоен пехар во Европскиот Куп на ЕХФ кој го освои со победа над АЕК Атина во финалето