Ракометниот клуб Алкалоид најпосле ќе му се израдува на пехарот освоен минатата сезона во Европската лига на ЕХФ, кога во финалето го добија грчки АЕК во Атина, додека реваншот во Скопје не беше одигран. Имено, противничкиот тим не сакаше да излезе на терен, па од ЕХФ случајот го решија на тркалезна маса.
На тимот од Автокоманда, пехарот ќе му биде врачен денеска, на мечот против Хановер – Бургдорф, каде нашиот клуб брка негатива од десет гола (37:27) за пласман во Европската лига.
- Ни следува реваншот во квалификациите за Европската лига со Хановер, за кого не треба да се трошат зборови. Повеќе од осум месеци беше лидер во најдобрата лига на светот, а оваа година е засилен со искусни играчи. Мене ми е жал што загубивме со нереални и, за мене, неочекувани десет гола разлика. Исто така, ќе го подигнеме европскиот пехар кој го освоивме лани со тимот кој постои само три години и кој е базиран на македонски играчи. Не е убаво чувството со минус десет од Германија да дигаме пехар, но ќе се приспособиме и ќе се обидеме да се израдуваме колку што можеме пред мечот, а на мечот достоинствено да го презентираме македонскиот ракомет. Сакам еден комплетен натпревар, им кажав на играчите дека мора сите да го оставиме срцето на терен заради нас, заради проектот, заради навивачите. Се надевам дека ќе имаме комплетен натпревар, а како ќе биде тоа, ќе видиме по 60 минути. Колку и ние да се надевавме, се работи за еден суперквалитетен противник, изјави тренерот на „фармацевтите“, Кирил Лазаров.
Натпреварот меѓу Алкалоид и Хановер-Бургдорф се игра денеска со почеток од 19:30 часот во салата „Автокоманда“.