Алјаска е едно од малкуте безбедни места за Путин, но тешко дека ќе му кажат „добредојде“

440

Посебна „драма“ во оваа најава за средба внесува можноста на неа да се појави лутиот непријател на Путин, украинскиот претседател, Володимир Зеленски. Американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер, во неделата изјави дека тој би можел да присуствува на самитот меѓу Трамп и Путин на Алјаска, в петок. Тоа го спомена и Трамп, но тешко е да се замисли дека Путин ќе прифати такво нешто. Алјаска е далеку од Украина и од нејзините европски сојузници, па затоа постои ризик тие да бидат потиснати во втор план. Местото на самитот е незгодно со оглед на тоа што историската блискост меѓу жителите на Алјаска и Русите ослабе откако Русија ја нападна Украина. Американската тајна служба веќе изнајмила сместување во Анкориџ, иако Белата куќа сè уште не ја потврди точната локација на состанокот

 

Средбата на американскиот и на рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин, в петок, на Алјаска, во моментов е во центарот на вниманието на светската јавност, иако очекувањата не се големи. На Трамп очајно му треба крај на војната, кој го најавуваше во изборната кампања, во рок од 24 часа од влегувањето во Белата куќа, но до ден-денес не откри начин како да го постигне. Путин, пак, според она што го кажаа досега од Кремљ, има на ум да го убедува Трамп да се согласи на размена на делови од украинската територија во замена за евентуално примирје. Посебна „драма“ во оваа најава за средба внесува можноста на неа да се појави лутиот непријател на Путин, украинскиот претседател, Володимир Зеленски. Американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер, во неделата изјави дека тој би можел да присуствува на самитот меѓу Трамп и Путин на Алјаска, в петок. Тоа го спомена и Трамп, но тешко е да се замисли дека Путин ќе прифати такво нешто.

– Секако, не може да има договор, освен ако не го потпишат сите вклучени страни. И, очигледно, апсолутен приоритет е да се стави крај на војната – рече Витакер.

На присуство на официјален Киев на средбата инсистираат и лидерите на Европската Унија и европските сили, кои, исто така, бараат средба со Трамп пред петок. На таа тема, вчера министрите за надворешни работи на ЕУ закажаа вонредна видеоконференција со украинскиот колега. Сепак, што и да договорат, одлуката за учеството на Зеленски во преговорите ќе ја донесе Трамп.

Додека се чека петок, јавноста ја интригира прашањето зошто е избрана токму Алјаска како место на толку важна средба на двајцата претседатели, кои последен пат се видоа во живо во 2018 година. Влијателниот советник за надворешни работи на Путин, Јуриј Ушаков, вели дека  Алјаска е сосема логично место за самитот, иако преминувањето на Беринговиот Теснец, кој ги дели двете земји, не е едноставно патување. Растојанието меѓу американското и руското копно е 88 километри, но летот од Москва до Анкориџ, најголемиот град на Алјаска, трае околу девет часа. Дури и за Трамп, кој патува од Вашингтон со претседателскиот авион „ер форс уан, тоа ќе биде патување од речиси осум часа. Затоа, Алјаска е место на заемна непрактичност, што сугерира дека постојат и други причини во игра, наведува „Индекс“. Оваа американска федерална држава е далеку од Украина и од нејзините европски сојузници, па затоа постои ризик тие да бидат потиснати во втор план. Алјаска е првенствено безбедно место за рускиот лидер. Меѓународниот кривичен суд издаде налог за негово апсење во март 2023 година, за воени злосторства поврзани со присилната депортација на деца од Украина во Русија, но ниту Русија ниту САД не го признаваат тој суд. Исто така, на патот кон Алјаска, Путин нема да лета над „непријателските“ земји, па затоа таквата маршрута е побезбедна од, на пример, патувањето преку Црното Море до Истанбул, каде што се одржаа три руско-украински средби на пониско ниво.

Но, ова патување е оптоварено и со прашањето како ќе бидат примени Трамп и Путин од жителите на Алјаска. Се претпоставува дека Путин може да наиде на прилично студен пречек на Алјаска, бидејќи американската држава значително се олади кон својот сосед преку Беринговото Море. Дејвид Рамсур, поранешен помошник на поранешните гувернери на Алјаска, Тони Ноулс и Стив Каупер, рече дека местото на самитот е незгодно со оглед на тоа што историската „блискост“ меѓу жителите на Алјаска и Русите ослабела откако Русија ја нападна Украина, и покрај тоа што Алјаска има длабоки врски со руските историја и култура, кои датираат од 18 век, кога Руската Империја го колонизирала регионот. Америка ја купила територијата во 1867 година, но руските говорни заедници опстанале, а руските православни цркви со препознатливите куполи може да се најдат од оддалечените Алеутски Острови до Анкориџ, најголемиот град на Алјаска. Брендон Бојлан, професор на Универзитетот на Алјаска, „Фербанкс“, кој ја истражувал улогата на Алјаска во односите меѓу САД и Русија, појаснува дека по завршувањето на Студената војна, кога служела како прва линија на одбраната против Советскиот Сојуз, Алјаска станала центар на напорите за продлабочување на врските меѓу САД и новата Руска Федерација, но избувнувањето на војната во Украина го сменило тоа затоплување на односите.

– Иако изјавите на руските личности од политиката за враќање на нивната поранешна, а сега американска територија, најчесто остануваа без ефект, војната во Украина, сепак, ги вознемири жителите на Алјаска и ги заостри чувствата кон западниот сосед – истакнува Бојлан, кој смета дека ако се зголемат тензиите меѓу САД и Русија, тоа повторно најсилно ќе се почувствува на Алјаска.

Американската тајна служба веќе си обезбедила сместување во Анкориџ, иако Белата куќа сè уште не ја потврди точната локација на состанокот. Лари Дисброу, агент за недвижности што изнајмува сместување во Анкориџ, а воедно е и почесен конзул на Германија, вели дека ѝ изнајмил куќа со шест спални соби на Тајната служба за состанокот. Сузан Лафранс, градоначалничка на Анкориџ, пак, дека не добила никакви сигнали дали нејзиниот град ќе биде домаќин на состанокот Трамп – Путин.

– Да се биде домаќин на лидери не е невообичаено за нас тука, на Алјаска. Да се биде театар на дипломатијата е дел од нашата историја, бидејќи ние сме раскрсницата на светот – вели таа.

 

ИЗДВОЕНИ