Алиу смета дека законот за заштита од пушење не е ригорозен туку европски

374

Не стивнуваат реакциите во јавноста по објавување на новиот закон за заштита пушењето кој се очекува да стапи во сила од 1 март. Стара дилема, нови правила  – дали построгите мерки ќе го заштитат здравјето или ќе го загрозат бизнисот? Надлежните уверуваат дека стравовите од затворање кафулиња и локали се неосновани и дека станува збор за европски, а не рестриктивен закон, чија цел не е казнување, туку превенција и заштита на јавното здравје.

Иако се отворени за дискусија околу новиот закон за пушењето, сепак здравстените власти се цврсти на ставот дека со предлог законот не се забранува пушењето како навика, туку се воведува ред каде и под кои услови тоа може да се прави. Според него, пушачите ќе имаат можност да пушат на отворени тераси и бавчи кои се отворени од најмалку три страни, а угостителските објекти, доколку им е важно за бизнисот, можат да инвестираат во таков тип инфраструктура. „Бизнисите нема да се затворат. Ова не е забрана за цигари, туку за пушење во затворен простор“, нагласи Алиу.

Од економска перспектива, министерот тврди дека анализите не покажуваат негативни ефекти врз стопанството. Напротив, аргументот на здравствените власти е дека нездравото население долгорочно ѝ нанесува поголема штета на економијата отколку било која политика против пушење. „Луѓето кои се зависници од вакви производи се помалку активни и помалку продуктивни, и во јавниот и во приватниот сектор. Здравјето нема цена“, вели Алиу, потсетувајќи дека државата паралелно субвенционира тутун и има извоз, што покажува дека законот не е насочен против тутунската индустрија, туку против изложеноста на чад во заеднички простор.

Една од највидливите промени што ги носи законот е целосната забрана за пушење пред јавни институции – болници, клинички центри, училишта, градинки, министерства и други државни објекти. Министерот појасни дека ова ќе важи низ целата држава и дека токму здравствените установи треба да бидат пример. Во случајот со Клиничкиот центар, каде има и угостителски објекти, се очекува бизнисите да се приспособат и да обезбедат соодветни надворешни простори за пушење, наместо чадот да завршува пред влезовите.

Министерството најавува и засилена контрола. Веќе од наредните денови ќе започнат состаноци со сите инспекторати за да се утврди дали има потреба од дополнителен кадар. Покрај законските одредби, ќе следуваат и детални правилници, јавно достапни, со јасни упатства за граѓаните и бизнисите како да се прилагодат – и просторно и со внатрешни правила.

„Нема да дозволиме да се создаде хибриден закон што нема да функционира. Ова се европски политики и мора да се применат доследно. Од 1 март очекуваме чист воздух во јавниот превоз и во сите заеднички простории“, порача Алиу кој смета дека казните од 150 до 300 евра за човек кој го згрешил местото за пушење не се ригорозни туку поучни.

Во обид да ја оправдаат законската рамка, македонските здравствени власти посочуваат дека во голема мера се воделе од европското законодавство, меѓу кои и хрватскиот модел – земја членка на Европската Унија која со години има строги правила за пушење во јавен простор. Сепак, споредбата покажува дека македонскиот предлог во неколку сегменти оди и чекор подалеку.

Така, во Хрватска пушењето е генерално забрането во кафулиња и ресторани, но законот дозволува исклучоци. Угостителските објекти со површина помала од 50 квадратни метри, кои не служат храна, можат да се регистрираат како пушачки. Исто така, дозволени се и посебни пушачки простории, под строги технички услови (вентилација, физичка одвоеност). Нашиот предлог-закон оди чекор подалеку – не предвидува пушачки простории во угостителски објекти. Пушењето е дозволено исклучиво надвор од објектите, на отворени тераси и бавчи кои мора да бидат отворени од најмалку три страни. Т.н. „зимски тераси“ практично се укинуваат.

Сличностите меѓу двата модели се најизразени кај забраната за пушење на работните места, во јавниот превоз, институциите и во приватните возила кога во нив има деца. Разликите, пак, се поочигледни кај рекламирањето и продажбата на тутун, каде македонскиот закон воведува построги ограничувања – забрана за изложување на производите, онлајн продажба, автомати и ароматизирани тутунски и никотински производи.

Иако казнената политика во двете земји се базира на парични казни, македонскиот модел внесува и социјален елемент со можност тие да се заменат со општокорисна работа, што според надлежните ја нагласува превентивната, а не репресивната улога на законот.

Министерството за здравство потенцира дека целата 2026 година ќе биде посветена на имплементација, едукација и информирање, со посебен фокус на младите. Предлог-законот веќе е објавен на електронскиот национален регистар на прописи – ЕНЕР, каде граѓаните и организациите можат да учествуваат во јавната расправа. Иако властите уверуваат дека станува збор за европски, сепак клучното прашање останува отворено – не дали законот е добро напишан, туку дали државата, овојпат, ќе успее доследно да го спроведе на терен. Според искуствата од минатото, токму спроведувањето на терен ќе биде најголемиот тест за новите правила за пушење. Дел од граѓаните, особено непушачите и родителите на мали деца, го поздравуваат законот како неопходна мерка што требало да биде донесена многу порано. Тие велат дека правото на чист воздух  со години им било потиснато од навиките. Од другата страна, пушачите и дел од угостителите предупредуваат дека законот е поригиден од претходните и дека не ја зема предвид реалноста, особено во зимски услови. Според нив, укинувањето на таканаречените „зимски тераси“ ќе ги принуди гостите да стојат надвор на студ или целосно да ги избегнуваат локалите, што може да резултира со пад на прометот. Дел од јавноста стравува и од селективна примена – дека правилата ќе важат строго за малите кафулиња, а ќе им се попушта на големите објекти и институции.

„ Ќе се казнува секаде без исклучок каде што е забрането, Македонија е на врвот по бројот на пушачи, а особено загрижува големиот процент од децата од 13 до 15 години кои конзумираат тутун и електорнски цигари“, уверува на применливост на новите правила министерот Алиу. (П.А.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ