По известувањето што кардиологот Сашко Кедев го испратил до Министерството за здравство дека се повлекува од здравствениот совет, од причина што, како што наведува во оставката, контролите врз операциите за срце требало да ги водат стручни и компетентни кадри, министерот за здравство Азир Алиу за весникот Вечер вели дека засега нема да коментира бидејќи и формално не ја добил и прочитал оставката на кардиологот по чии наводи започна истргата.
„Немам коментар, треба да седнам и да се видам со професорот Кедев да разговараме за тоа, не сум ја прочитал оставката, а подготвуваме и прес-конференција за тоа следната недела“, изјави Алиу за ВЕЧЕР без да навлегува во евентуалните причини зошто Кедев се повлече од советот.
„Ве известувам дека се повлекувам од работата на здравствениот совет на Министерството за здравство, од причина што сметам дека започнатите контролни процеси треба да ги спроведуваат исклучиво компетентни кадри со веќе докажан стручен и професионален кредибилитет“, стои во оставката која ја објави порталот 360 степени.
Кедев навел и дека се надева оти „јавното здравство ќе остане приоритет во политиките на Министерството за здравство“, што може да се толкува како став на кардиологот дека Министерството се поставува заштитнички кон приватните болници кои се меѓу засегнатите во случајот со непотребно извршените операции на срце.
По откривањето на случајот со непотребните операции на срце во август минатата година лично од Сашко Кедев, министерот за здравство Азир Алиу формира 15-члена комисија, која на 14 ноември излезе со прелиминарен извештај. Според наодите на комисијата, од 19 анализирани случаи, кај 10 биле утврдени непотребно извршени операции или непотребно упатување за операции. Од комисијата тогаш соопштија дека имињата на инволвираните болници и доктори ќе ги соопштат откако наодите ќе ги потврдат заедно со странски експерти што ќе ги ангажира Министерството за здравство. (П.А.)












