Азир Алиу беше прашан и за ризиците од необјективност на комисијата во која се вклучени лекари од приватните болници, меѓу кои и претседавачот.
Имињата на болниците и лекарите кои непотребно упатувале на операции и непотребно направиле операции на пациенти со кардиоваскуларни дијагнози ќе бидат објавени кога извештајот ќе биде конечен, вели министерот за здравство Азир Алиу во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Тоа би следувало по втората фаза, кога во комисијата ќе се вклучат меѓународните експерти, посочува Алиу.
„Зошто во оваа фаза одлучивме да не ги именуваме институциите? Прво, од етички аспект, бидејќи сè уште е драфт-верзија. Можеби надворешните експерти ќе кажат – тука наодот мислиме дека е различен. Уште еднаш ќе треба од почеток, заедно со надворешната експертска комисија, да се анализира. Прво е тој момент, вториот момент е дека процесот сè уште не е завршен и вие не можете во од да ги објавите институциите, а не сте 100% сигурни дека тоа е така. Јас мислам дека овој драфт-извештај ќе биде и конечен, бидејќи навистина верувам во оваа стручна наша комисија и наши експерти, наши доктори, но сепак ако методологијата е веќе така дефинирана, да ја тераме до крај и да завршиме со процесот, и заедно со тројцата надворешни експерти да направиме прес-конференција со крајниот извештај. Тогаш ќе има и имиња на институциите“, вели Алиу.
За ризиците од необјективност на комисијата во која се вклучени лекари од приватните болници, меѓу кои и претседавачот, Алиу одговара дека станува збор за експерти во областа.
Алиу: Во овој бизнис не треба да има профит. Значи, нормално, треба да се плати услугата и треба да има маржа за институцијата, но не треба да биде комерцијална како што се други економски оператори во државата. Вториот момент, таму како што реков не е еден, два, туку се 15 члена. Ние имаме записници од секоја работна средба на комисијата и за секој случај, за секој предмет, за секој фолдер, освен административниот, исто така и клиничкиот дел. Значи, со цедиња, обезбедивме со видеобим, со компјутери за да може да одат буквално и административниот и клиничкиот дел да се анализира и тука и се гласаше. Има коментари за секој наод.
„360 степени“: Со мнозинство се носеа одлуките?
Алиу: Да, со мнозинство. Сите одлуки со мнозинство се носеа. Има и доктори коишто работат во државна здравствена институција, што биле дел од наодите. И идејата е дека од 15, еден-два гласа прво не го менуваат резултатот, но вториот момент е дека тие се навистина стручни, ќе видите, тој извештај, крајниот извештај ќе биде јавно достапен на нашата веб-страна. Ја чекаме сè уште втората фаза, да дојдат тројца експерти од надвор за да се ревидира, да се анализира уште еднаш извештајот и тогаш ќе биде конечен.
Во однос на недоверливоста и несигурноста што може да се појави кај пациентите на кои потенцијално им е потребна кардиохируршка или васкуларна интервенција, министерот вели дека постои таков ризик.
„Затоа сакаме тотално да бидеме транспарентни со крајниот извештај. Јас од почеток реков дека тој краен извештај нема само да биде лист хартија којшто ќе дава информации за оваа група пациенти што биле скенирани од страна на експертите, туку ќе ни биде патоказ нам како министерство за да креираме или евентуално да менуваме закони. Ние во моментот менуваме 12 закони, плус два закона креираме бидејќи се непостоечки, а ни требаат заради дигитална трансформација на здравствениот систем. Верувајте дека по конечниот извештај и анализите од тој извештај, тие параграфи од таму ќе бидат за нас акциски план. И ние тогаш ќе излеземе со акциски план и со конечниот извештај за да може здравствениот систем веќе да биде робусен од ваков тип на на процеси“, додава Алиу.












