Неодамна, „Македоника литера“, за македонските читатели откри еден голем романски класичен автор со македонско потекло, кој досега речиси не беше познат во Македонија – Александру Македонски. Го објави неговиот поетичен роман „Таласа“, прво негово дело на македонски јазик. Но, годинава, за македонските читатели, оваа издавачка куќа ќе открие уште еден голем писател со македонско потекло – Аргентинецот Македонио Фернандез. Фернадез, високата вредносна верификација во аргентинската литература ја доби на крајот од 20 век и на почетокот од 21 век, по објавувањето на книгата од богатата 17-годишна преписка со Хорхе Луис Борхес, врз кого оставил силно и пресудно влијание за неговото творештво
Македонските читатели, од неодамна, имаат можност да прочитаат еден интересен роман „Таласа“, што наликува на идила како пасторалата од античко време „Дафне и Хлоја“ од Лонг и кореспондира со античките митски времиња, но уште поинтересно и необично е името на авторот на романот, Александру Македонски, кој до пред неколку месеци не ѝ беше познат на пошироката книжевна јавност во нашата земја. Станува збор за романскиот поет, прозаист, драматург и публицист од македонско потекло Александру А. Македонски (1854 – 1920), кој често е споменуван и како најпознат и највлијателен по Михај Еминеску. Тој бил првиот претставник на симболизмот во романската литература и предвесник на локалната модернистичка литература, првиот локален автор кој употребил слободен стих.
Нове Цветаноски, главен и одговорен уредник и директор на „Македоника литера“, кој го откри овој автор и го објави неговиот роман „Таласа“, за весникот ВЕЧЕР вели дека досега никој не го знаел, ниту, пак, некој пишувал за него во Македонија (ни книжевните истражувачи), ниту, пак, било нешто објавено од него.

– За Александру Македонски дознав пред 6-7 години, кога истражував за класичната романска литература, која има голем број ремек-дела од плејада еминентни романски автори, а кај нас речиси не беше преведена, со ретки исклучоци. Класичната руска литература е пристојно преведена и достапна на македонски, како и некои поголеми западни книжевности, но од помалите европски литература помалку е преведувано. Од романската литература на 20 век објавивме („Македоника литера“) преку десетина репрезентативни дела, речиси сите ремек-дела, предност им дадовме на најпознатите автори, а потоа дојде на ред Александру Македонски, со објавувањето на неговиот извонреден роман „Таласа“, вели Цветаноски.
Посочува дека Александру Македонски има богата биографија која за јавноста може да биде интересна.
–Предците на писателот Александру Македонски (негов дедо бил Димитрие Македонски, син на Стојан Минчо) од Македонија во Влашка (регион во Романија) дошле пред два века (во почетокот на 19 век) и поради приврзаноста кон Македонија, си го додале фамилијарното презиме Македонски, а повеќето и името Александру (како почит спрема големиот војсководец Александар III Македонски), како што е случајот со таткото на писателот (со исто име и презиме) – генералот Александру Македонски. Неговите предци биле многу успешни личности, дури официјално станале дел од влашкото благородништво. Имале и високи воени чинови, војувале и против грчкиот клер, односно фанариотите, и имаат значајно место во историјата на Влашка, Молдавија и Романија, истакнува Цветаноски додавајќи дека денес во Романија има бројна и организирана македонска заедница, која публикува дури и двојазични публикации (на романски и на македонски) и секоја година го чествува Александру Македонски.

Но необично е дека во Македонија, ниту книжевната наука ниту историската наука не го третирале овој автор или неговите предци. Прашан за причините, Цветаноски вели: „Во македонската библиотечна база на КОББИС, нема ниту една статија(!) за Александру Македонски, а не, пак, книга од него или за него. На универзитетските катедри за книжевност во Македонија се изучуваа јужнословенските, односно југословенските книжевности, па некои од словенските, пред сè руската, па потоа чешката и полската книжевност, и секако – англиската, француската и италијанската. Но не и другите европски книжевности, иако, некои од нив, како романската, според квалитетот и квантитетот, се големи книжевности. Тоа е едната причина зошто досега не е откриен кај нас овој голем автор, со обемен опус“.

Според директорот на „Македоника литера“, друга причина е односот на македонската книжевна и историска наука последниве децении.
–Македонското општество многу се поларизираше, а тоа се одрази и во културата и литературата, дури и во науката, па се смени и односот кон македонската книжевна и културна историја, и воопшто кон националната историја. Во одредени кругови во тие области, под влијание на западните пропагандни грантови, денес е очигледна аверзијата на сè што е македонско и што е поврзано со Македонија. На пример, по 2017 година, две-три години во издавачката дејност на Министерството за култура не беше поддржан ниту еден проект кој во насловот го има името Македонија или изведенка од тоа име (македонска/македонски). Тоа е грубо обезмакедончување на македонската литература, култура и историја. Мене ми е несфатливо, луѓе од културата и науката, кои носат македонско презиме, да се згрозуваат од македонското име, додава Цветаноски.
Потеклото на Александру Македонски поврзано со Македонија
„Дедото на Александру, Димитрие и братот на Димитрие, Павел, учествувале во востанието во 1821 година против администрацијата на фанариотите (грчко население испратено од султанот да управува со Влашка и Молдавија), во кое учествувале многу печалбари од Македонија. Двајцата браќа Македонски имале кариера во влашките воени сили (имале воени чинови), во време кога земјата била управувана од руски пратеници, кога законодавниот орган му ја признал на семејството припадноста на благородништвото на Влашка. Димитрие се оженил со ќерка на руски или полски офицер, а нивниот син Александру, таткото на поетот, по военото образование во Руската Империја, се искачил по воената скала до позицијата министер за војна за време на владеењето на Александру Јоан Куза, по Унијата на романските кнежевства. По смртта на татко му (1869), за која мајка му тврди дека бил отруен од политичките противници, писателот ја напишал песната ‘На мојот починат татко, генералот Алекс. Д. Македонски’, вклучена во првата книга „Прв збор“. Ова стои во поговорот на романот „Таласа“ за потеклото на Александру Македонски.
Но кој е Александру Македонски?

Како што пишува понатаму, романскиот поет, прозаист, драматург и публицист Александру Македонски (1854 – 1920) имал плодна и бурна активност во литературата и културата. Автор е на поетските книги: „Прв збор“ (1872), „Итало“ (поема, 1878) „Песни“ (1882), „Екселзиор“ (1895), „Бронзи“ (1897), „Светите цвеќиња“ (1912), „Поема на ронделите“ (1927), на прозните: „Тривијална драма“ (1896), „Златната книга“ (1902), „Искушенија на огнот“ (Париз, 1906), „Таласа“ (1916) – романската верзија на романот „Искушенија на огнот“, „Куси раскази“ (1923) и театарските: „Желба!“ (комедија, 1882), „Саул“ (со Синсинат Павелеску; трагедија, 1893), „Смртта на Данте Алигиери“ (1916) и „Близнаци“ (1918). Бил уредник на повеќе весници и списанија. Бил полемичар и активен учесник во многу настани и процеси во книжевниот, па и во општествениот живот на Романија. Често патувал и престојувал во западна Европа, а се обидел својата книжевна слава да ја достигне и во Франција. Поради полемичкиот дух и остриот јазик, некои го сметале и за ексцентрик, а конзервативните книжевни критичари го игнорирале додека тој бил жив. Но тој многу често изјавувал дека идните генерации ќе го оценат како голем поет. Статусот како еден од великаните на романската литература на Македонски му беше даден во последните децении на 20 век. Во 2006 година Александру Македонски постхумно бил избран за член на Романската академија.
Инаку, како лидер на космополитски и естетички тренд формиран околу списанието „Литератул“, тој дијаметрално се спротивставувал на традиционализмот на современикот Михај Еминеску и на неговата школа. Дебитирајќи како неоромантичар во влашката традиција, Македонски поминува низ реалистичко-натуралистичката етапа која ја сметал за „општествена поезија“, додека постепено го приспособувал својот стил на симболизмот и параназизмот, и постојано, но неуспешно се обидува да се наметне во франкофонскиот свет. Паралелно со книжевната кариера, Македонски работел во државна служба, работејќи како префект во Буџак и Северна Добруџа во доцните 1870-ти години. Тој патувал на Змискиот Остров и таму доживеал големи сетилни и естетски емоции, подоцна преобразени во романот „Таласа“. Како новинар, но и како човек со политичка определба, се движел меѓу либералната струја и конзервативизмот, станувајќи вклучен во тогашните тековни полемики и контроверзии. Во староста, тој станал автор на рондели, познати по нивната одвоена и спокојна визија за животот, за разлика од неговата претходна борбеност и бунтовност. Неговата биографија е обележана и со постојан интерес за езотеризмот, како и по неколкуте обиди да стане пронаоѓач.
„Таласа“– прво дело од Македонски публикувано на македонски

Романот „Таласа“ врзува многу нишки од изворите на старата и новата култура и е сложено дело со многу длабински слоеви во кое херојот е трагичен лик, и симбол од драмата на идеализмот. Александру Македонски овој роман го извел во стил на прозна песна и во манир на симболите на старата поезија, но и со филозофски пев. Има брилијантни описи и вешта лирска вивисекција на телото и на духот на главниот лик распнат меѓу реалноста и митските времиња, меѓу вознесот од земските убавини и судбината, меѓу животот и смртта. Романот покажува како искушението на љубовта носи смрт, се вели во поговорот на книгата.
Херојот Таласа работи како светилничар на Змискиот Остров, фантазирајќи за златната доба на човештвото. Неговата судбина се менува по еден бродолом крај островот, при што една девојка, Калиопа, од брановите е исфрлена до брегот на островот. Освен својата поетска дарба, во овој роман Александру Македонски покажува и голема ерудиција, првенствено за античката егејска митологија.
Француската романсиерка Рахилд во својата рецензија по француското издание на овој роман напишала: „Многу тешко за читање, целосно развиено на симболистички начин [и] речиси невозможно да се раскаже, очигледно напишана на француски, но сепак очигледно е замислена од Романец (и каков духовен Романец!)“. „Таласа“ е забележан и по многуте културни референции, а особено по користењето на широк спектар на метафори. Ваквите аспекти се оценети негативно од современите критичари. Истражувачот на книжевноста, Николае Манолеску, пак, во својата студија „Критичка историја на романската литература Пет века литература“ (2008) смета дека романот „Таласа“ е најостварената проза на Македонски. Инаку, тоа е прво негово дело публикувано на македонски јазик, а преводот од романски е на Ирина Кроткова.
Македонио Фернандез – Аргентинец со македонско име

Годинава, за македонските читатели „Македоника литера“, ќе открие уште еден голем писател со македонско потекло – аргентинскиот писател, хуморист и филозоф, Македонио Фернандез (1874 – 1952), роден и починат во Буенос Аирес, Аргентина.
– Македонио Фернадез е значаен и познат писател во аргентинската литература, еден од највлијателните аргентински поети од првата половина на 20 век, кој оставил силни траги врз развојот на аргентинската поезија. Високата вредносна верификација во аргентинската литература ја доби на крајот од 20 век и на почетокот од 21 век, особено со објавувањето на книгата од богатата 17-годишна преписка со Хорхе Луис Борхес во 2020 година, врз кого оставил силно и пресудно влијание за неговото творештво – вели Цветаноски.
Додава дека и за Фернандез неколку години „Македоника литера“ имала намера да публикува негови дела.
–Но како што споменав, последниот период не беше добра климата за проекти чии имиња се поврзани со името Македонија. Ние, до пред десетина години објавивме близу сто историографски дела или дела од културната историја на Македонија, меѓу кои и неколку историографски серии (како што беше серијата на книги за Македонија од германските научници од пред еден век, П. Шатев, Д. Богдановски…), а потоа не успеавме да објавиме значајни историографски дела за Македонија од странски автори, малку познати дури и за научните кругови кај нас.
Годинава имавме среќа од Министерството за култура и туризам да ни биде одобрена финансиска поддршка за поезијата на Фернандез. Всушност, тоа ќе биде книга во која ќе биде собрано сето негово поетско творештво. Се надевам дека наредните години ќе ги објавиме и другите негови дела, како и нови дела од Александру Македонски (од кого веќе има преведена, а необјавена поезија), истакнува тој.
Посочува дека Фернандез потекнува од стара неаполска фамилијарна лоза, која го негува името Македонија во своите лични имиња и тврди дека со векови во семејното стебло е пренесувано сознанието дека имаат старо македонско потекло.
–Во случајов, од книжевен аспект, важно е неговото место во аргентинската книжевност и влијанието на неговото творештво во аргентинската литература, посебно влијанието врз Борхес. Неговата поезија е преведена на дваесетина јазици, а годинава ќе биде објавена и на македонски јазик. Поезијата на Фернандез е извонредна, богата со филозофски медитации, мешавина од стилови, необична перцепција на реалноста и одмерена и прецизна мисла. Во неговата поезија, според формата, има и некласични песни, кои се лирски и филозофски записи. Тесно поврзана со неговите филозофски медитации, поезијата на Македонио Фернандез одговара на таа чудна интерпретација на реалноста која, од перспектива на апсолутен идеализам, го карактеризира целото негово творештво како линија на мислата, истакнува Цветаноски.
Но Македонио не објавил ниту една стихозбирка за време на својот живот.

Како што додава Цветаноски, некои песни се појавиле во литературни списанија, други биле зачувани во тетратки или на посебни листови, или случајно зачувани.
– Сите негови песни расфрлени во разни списанија или необјавени лирски записи беа собрани и првпат заедно објавени во книга во 2013 година, според која ќе се изврши преводот на македонски јазик од страна на Марија Саревска-Тодоровска. (Н. И. Т.)












