– Пишувањето за деца бара голема одговорност, зашто е многу важно на каков начин и каква порака ќе им се пренесе. Четивото за деца треба да биде кратко, јасно, разбирливо, а сепак едукативно, хумористично и по малку магично. Целта на литературата за деца е да се поттикнат креативноста и размислувањето: „Дете што чита е возрасен што мисли“… вели Велинова во разговорот за весникот ВЕЧЕР

 

– Не смееме да дозволиме Нејзиното величество книгата да падне во сенка на придобивките на современата технологија и вештачката интелигенција, која зема сè поголем замав. Денешните деца живеат во дигитален свет и треба да ги користат придобивките, но не и да бидат зависни од нив. А придобивките од читањето книги се јасни, учат од туѓи искуства, полесно расудуваат, ги развиваат креативноста и емпатијата која недостасува. Вештачка интелигенција да, но потребна е и емоционална, вели писателката за деца, Александра Велинова, на тема детска литература.

Насловите „Домот на пастрмката“, „Мечето што не го фаќаше зимски сон“, „Бидејќи сум дете“, „Стефан во магичниот град“, „Стефан на прошетка со Ками во Египет“, „Стефан во Дино парк“, „На крилјата на самовилското коњче“, „Најубавите години“, „Стапки во пустина“, „Од дното на душата“, „Како ги заработив првите пари“… се само дел од творечкиот опус на Велинова која е член е на Друштвото на писателите на Македонија и добитничка на престижната меѓународна награда „Антево слово“.

Таа, во разговорот за весникот ВЕЧЕР, посочува дека пишувањето за деца бара голема одговорност, зашто е многу важно на каков начин и каква порака ќе им се пренесе. Како што додава, четивото за деца треба да биде кратко, јасно, разбирливо, а сепак едукативно, хумористично и по малку магично.

– Целта на литературата за деца е да се поттикнат креативноста и размислувањето: „Дете што чита е возрасен што мисли“. Кога поголемиот син беше мал, немаше доволен избор на илустрирани книги за деца од македонски автори во нашите книжарници. Разговорите со децата ме инспирираат да пишувам за нив, па често знам да кажам тие ги пишуваат сликовниците, јас се потпишувам. Различна е детската перцепција од онаа на возрасните, па затоа, кога се пишува за нив, треба да се ставите во нивна кожа. Привилегијата на авторите за деца е што цел живот го негуваат детето во себе: „А за да бидеш голем човек треба да пораснеш колку едно дете, нели?“, вели Велинова.

Таа додава дека книгите за деца откриваат нови места, зборуваат за емоциите кај децата, ја поттикнуваат фантазијата, ја будат еколошката свест, но пред сè, ги забавуваат децата.

– Денешните автори се исправени пред предизвикот да бидат поинтересни од она што го нудат придобивките на современата технологија. Но, сепак сметам дека за разлика од компјутерите и телефоните, каде што децата понекогаш добиваат содржини што не се секогаш соодветни за нивната возраст, книгите се прочистен текст. Книгата е значајна за да не падне писменоста во сенка на дигиталните вештини, смета писателката Велинова.

Таа додава дека во период на мечтаење, сонување, секогаш треба да го негуваме детето во себе, но и да внимаваме што сонуваме бидејќи соништата понекогаш се исполнуваат.

Инаку, нејзината илустрирана книга „Домот на пастрмката“ (Едука Мак) годинава е во конкуренција за наградата „Ванчо Николески“ на Друштвото на писатели на Македонија за најдобра детска книга, со уште 12 наслови.

– Идејата за илустрираната книга за деца „Домот на пастрмката“ се роди при една утринска прошетка со помалиот син, Алексеј, покрај охридското крајбрежје. Јас им читам и разговарам со моите деца уште откога не ги разликуваа боите, од бебиња, бидејќи сметам дека влијае на развојот на говорот. Па и тоа утро „нурнав“ во подводниот свет на балканскиот бисер, препуштајќи ѝ се на творечката фантазија. Дали ме разбрал Алексеј нешто, само тој си знае, иако, можам да кажам дека му е една од омилените. Шест години подоцна, се роди „Домот на пастрмката“, која има јасна еколошка порака да се зачува загрозениот редок ендемски вид, вткаена низ хумористични стихови, открива Велинова. Домашното милениче на охриѓани, пастрмката, во стиховите на Велинова има детска соба, кујна, бања, дневна соба, но вели:

„Не ми треба дом по најнова мода.

Мене ми треба само чиста вода.

Да го исполнат аманетот од прадедовци мои,

чисто Охридско Езеро да им оставам

на потомците свои…“.

– Еколошките и читачките навики се стекнуваат од најрана возраст. Да се надеваме дека оваа книга ќе ја разбуди еколошката свест од најрана возраст, ќе рече Велинова.

Нејзината илустрирана книга за деца, „Домот на пастрмката“, летово ја промовираа Наумовите ученици од Пештани покрај Охридското Езеро, кај Заливот на Коските, нуркачите и Сузана Патчева од Хидробиолошкиот завод, а есенва беше промовирана и пред нашите деца во македонскиот Културно-информативен центар во Белград.

 

ИЗДВОЕНИ