Зад кандидатот за скопски градоначалник на коалицијата „Искуство за успех“ (ГРОМ, ЛДП, Интегра и ПЦЕР), Александар Трајановски, веќе е искуството како советник на партијата ГРОМ во Советот на Градот Скопје. Тоа значи дека е упатен во најактуелните проблеми и дека може да понуди квалитетни решенија. А негова цел е, како што вели, Скопје да биде град со кој граѓаните ќе се гордеат. |
Како би го опишале Град Скопје и неговите клучни проблеми во моментов и како го гледате по 4 години доколку би ја добиле довербата од граѓаните?
– Градот Скопје денеска го гледам како место со огромен потенцијал, но и со сериозни проблеми кои се таложеле со децении, a поглемиот број проблеми, за жал, се од политичка причина или заднина. Најголеми предизвици се загадениот воздух, лошото управување со отпадот, нефункционалниот јавен превоз, урбаниот хаос со дивоградби и застарената инфраструктура. Ова не се само технички, туку и системски проблеми кои бараат визија, план и континуирана работа. По четири години, Скопје го гледам како почист и поуреден град, со модерен јавен превоз, повеќе зелени површини, функционални јавни претпријатија и транспарентно управување. Сакам Скопје да биде град со кој граѓаните ќе се гордеат, а не град во кој секојдневно ќе се жалат на основни услови за живот. Подготвен сум за функцијата градоначалник и за сите предизвици што таа ги носи. Сум бил дел од Советот на Град Скопје и добро знам како функционира системот и каде се блокадите. Затоа ќе водам политика на дијалог и соработка со Советот, но и ќе инсистирам на одговорност и отчетност. Верувам дека со јасна програма, конкретни резултати и со поддршка од граѓаните, секој обид за партиски блокади ќе биде осуден на неуспех бидејќи интересот на Скопјани мора да биде над сè.
Јавниот превоз е проблем број еден во Градот ако на него се гледа во поширока смисла и како систем за превоз, но и за намалување на аерозагадувањето. Кога последен пат сте влегле во градски автобус и какво чувство имавте? За каков концепт на јавниот превоз во Градот се залагате и со кои извори на финансирање би го вовеле?
– Да бидам искрен, ретко користам градски автобуси, но последен пат се возев во петокот. Чичко Крсте е шофер во ЈСП, го познавам од моите средношколски денови, кога ќе го видам во автобус секогаш се качувам и се возам неколку станици за да почувствувам што навистина доживуваат граѓаните, но и вработените, така беше и во петокот. Граѓаните заслужуваат редовен, брз и удобен превоз, но и вработените заслужуваат услови за работа и исправни возила, а тоа денес за жал не е случај. Мојата визија е јавен превоз кој ќе биде првата опција, а не последната. Тоа значи набавка на нови еколошки автобуси, деблокирање и стартување на проектот за БРТ – брз автобуски превоз со приоритетни ленти, дигитални билети и реално следење на возилата. Паралелно, ќе работиме на интеграција со приградскиот превоз и развој на велосипедска и пешачка инфраструктура. Финансирањето е реално и изводливо – дел преку пренамена на градскиот буџет и кратење на неприоритетни трошоци, дел преку меѓународни кредити и грантови кои веќе се одобрени за БРТ, секако очекувам поддршка и од централната власт. Тоа не е трошок, туку инвестиција што директно влијае на квалитетот на воздухот, сообраќајот и секојдневниот живот на скопјани и целата држава.
Скопје со години е на светската мапа на загаден воздух. Кои се првите и следни долготрајни чекори и мерки што ќе ги преземете за намалување на аерозагадувањето?
– Скопје, за жал, со години е симбол на загаден воздух, но тоа не смее да продолжи. Според мене, приоритет е формирање Комунална полиција. Првите мерки ќе бидат практични и видливи – забрана и строга контрола на горење отпад и гуми, зголемени инспекции со 24/7 дежурства и брзи санкции. Во читањето на податоците од мерните станици веќе се знаат критичните точки, ќе субвенционираме енергетска ефикасност за домаќинствата со најниски приходи, а воедно паланираме да воведеме и производство на грејни реагенси како пелети кои ќе бидат наменети за социјално загрозените домаќинства, ќе поттикнуваме приклучок на градската топловодна мрежа и греење. Долгорочната стратегија е да изградиме систем кој ќе спречува, а не само ќе реагира на загадувањето – тоа значи модерен јавен превоз со нови еколошки автобуси, град без диви депонии и современи стандарди за индустриските капацитети. Мојата цел е да поставиме темели за Скопје кое не е на мапата на најзагадени градови, туку на градови што се грижат за здравјето на своите жители, обновливи извори на енергија и одржлив развој.
Имате ли лек за дивите депонии по Градот? Како гледате на решението за депонијата Вардариште, кое скопјани го поистоветуваат со Чернобил? Какво решение имате за градската депонија „Дрисла“?
– Дивите депонии се хронична рана на Скопје и решението мора да биде системско. Како што напоменав и погоре, на Скопје повеќе од очајно му е потребна Комунална полиција која ќе дејствува превентивно. Современ надзор со беспилотни летала и термосензори кои брзо ќе ги детектираат жариштата и ќе овозможат брза интервенција. Што се однесува до „Вардариште“, тоа е навистина симбол на негрижа – скопјани со право го поистоветуваат со „Чернобил“. Како депонија, „Вардариште“ е затворена уште во 1995 година, но моралната вертикала и етичката хоризонтала е навистина падната кај граѓаните и некои несовесни компании. „Вардариште“ одамна требаше да прерасне во зелен појас и заштитено подрачје, како што и се води во ГУП, но и во деталните урбанистички планови на Општина Гази Баба. За Дрисла, таа мора да се унапреди во модерна санитарна депонија со инсталација за селекција и третман на отпад, а не само место за складирање. Неопходно е ново планирање на капацитетите, инвестирање во постројки за рециклирање и енергетско искористување на отпадот. Кога ќе ја објавиме програмата ќе видите дека предвидуваме решенија и се определуваат нови локации кои соодветствуаат на потребите на Скопје од овој век, а не на Скопје од седумдесеттите години.
Во следниот мандат, Советот на Скопје треба да го донесе новиот Генерален урбанистички план, со кои принципи и визии за Скопје сметате дека треба да се води ГУП, кон кои подрачја треба да се шири градот? На кои приципи треба да почиваат ДУП-овите, имате ли тајна формула за решавање на урбанистички проблеми?
– Во следниот мандат, изработката на новиот Генерален урбанистички план ќе биде неизбежна. Ќе инсистирам на транспарентна и на јавна расправа, вклучување на стручната јавност и на граѓанските организации, за да добиеме документ кој е во интерес на скопјани, а не на мал број инвеститори. Мојата визија е Скопје да расте рамномерно – да не се задушуваат центарот и централните општини, туку развојот да се пренасочува кон периферијата со соодветна инфраструктура. ДУП-овите мора да почиваат на три основни принципи: законитост, транспарентност и јавен интерес. Секој сомнителен план ќе биде преиспитан и, по потреба, вратен на доработка. „Тајната формула“, ако може да се нарече така, е едноставна – да се почитува стручноста и јавниот интерес пред партиските и профитните калкулации.
Јавната хигиена е еден од клучните е проблеми на Градот, кој во очите на граѓаните е „валкан град“. Како да се надмине тој проблем? Сметате ли дека треба да се смени концептот на градските јавни претпријатија и на кој начин тоа би се извело?
– Вистина е дека граѓаните го гледаат Скопје како „валкан град“, а тоа е резултат на нефункционален систем за хигиена и на застарени методи. Темата со ѓубрето е актуелна секои избори и најчесто на удар се градоначалниците на општините. Зошто општините да не бидат тие што ќе го собираат и ќе го подигаат ѓубрето? Ова ви го кажувам во насока на ефикасност, функционалност и децентрализација. Градот да остане да се грижи за чистотата на „Малиот ринг“, а општините да го преземат подигањето на ѓубрето од улиците. Повеќето општини веќе имаат свои комунални претпријатија, а други тоа го имаат решено со јавни приватни партнерства во руралните и периферни населби. Политиката и партиските вработувања ги уништија јавните претпријатија, вака ќе ја поделеме одговорноста според логиката на граѓаните, но ќе ја зголемиме ефикасноста и чистотата. Комуналните давачки што ги плаќаат граѓаните ќе ги предадеме на општините, така тие ќе можат да набават опрема и возила. Само преку општините можеме брзо да постигнеме селекција на отпад. Скопје нема повеќе да биде „валкан град“, туку пример за чиста и уредна метропола.
Како ќе го решите проблемот со бездомните животни оти во изминатите години имаше разни начини за нивно решавање?
– Бездомните животни се чувствителен проблем кој не смее да се решава ад-хок или со половични мерки. Градот мора системски да ја унапреди работотата на „Лајка“. Третманот таму е солиден, но треба да размислуваме за превенција. Во Скопје постојано имаме принос на нови кучиња скитници од другите градови и руралните делови. Така што, мора целосно да го опфатиме регионот за да го контролираме овој процес. Дополнителен проблем се и несовесните сопственици на домашни миленици. Постојат луѓе кои купуваат домашни миленици за забава и за анимација на своите деца, а кога ќе дојдат навиките и обврските, тогаш ги напуштаат. Неконтролираното и неосвестено размножување, исто така, е една од главните причини за појава на бездомни кучиња. Ни треба детална евиденција на сопствениците на домашни миленици и на професионалните одгледувачи на легла. Мојата цел е Скопје да стане град што хумано и системски се справува со бездомните животни – без опасност за граѓаните, но и без нечовечко постапување кон животните.
Имате ли тајна формула за обнова и за рехабилитација на лунапаркот и на зоолошката градина?
– Колку генерации казнивме со одолговлекувањето на изградбата на лунапарк? Тоа е кога предничат политиката и интересите за препукување, а не потребата и интересите на граѓаните. Имаме реквизити и анимативни содржини чиј употребен рок измина скапувајќи во магацини, наместо да креираат среќни спомени на многу генерации. Скопје мора да има лунапарк, а ние планираме да направиме не само градска, туку регионална атракција. Што се однесува до Зоолошка, не сметам дека условите во неа се лоши. Во изминатите години беа донесени животни со одминат век. На пример, ако жирафата има животен век од 14 години, во скопската Зоолошка градина некој донесе жирафи на 14-годишна возраст, сличнa беше ситуацијата и со слоновите. За Зоолошката градина ќе изготвиме мастер-план за рехабилитација – подобрување на условите за животните, повеќе едукативни содржини за децата и модерни содржини што ќе ја вратат Зоолошката како вистинска атракција. За успешна приказна и нема некоја тајна формула, треба да ги засукаме ракавите, да ги подобриме усовите, транспарентно да работиме и да ги следиме препораките на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА) и нивните стандради.
Граѓаните имаат големи поплаки за состојбата на Градските гробишта. На кој начин сметате дека треба да се реши овој проблем?
– Гробиштата се места на почит и достоинство, а во Скопје, за жал, се претворени во пример за негрижа и неправда кон граѓаните. Поплаките за нехигиена, несредени патеки и зеленило се повеќе од оправдани. Мојата визија е прво да воспоставиме ред – редовно одржување, чистење и јасни стандарди за хигиена и организација. Второ, ќе направиме ревизија на ценовникот кој не е променет од 2004 година – услугите мора да бидат достапни и фер, а не луксуз за граѓаните во најтешките моменти. Гробиштата мора да се вратат како места на достоинство, а не на срам за градот. Тоа е обврска кон граѓаните и кон споменот на нивните најблиски.
Кои од досега изнесените идеи на вашите противкандидати најмногу ви се допадна, дали ќе ја преземете во програмата? Дали во вашиот кабинет, доколку бидете изгласани, ќе има место и за нив?
– Секоја идеја што е во интерес на граѓаните на Скопје заслужува да биде разгледана, без разлика од кого доаѓа. Нема да се водам од тоа дали нешто е „моја“ или „нивна“ програма – ако е добро и корисно за граѓаните, треба да биде дел од политиките на Градот. Мојата визија не е затворен град и тесно раководство, туку место каде што има простор за соработка со сите што носат знаење, искуство и искрена желба за подобро Скопје. Противкандидатите ми се политички конкуренти, но, во суштината, сите сме обврзани кон истиот интерес – подобар град. Затоа, доколку сум градоначалник, во мојот кабинет ќе има место за луѓе што сакаат да придонесат, без разлика на партиска или на идеолошка припадност. (Б.Ѓ.)
Возобновување на Скопски фестивал
Младите сè почесто се отселуваат и од Скопје. Кој е вашиот концепт за нивно задржување во Градот?
– За да ги задржиме, мора да им понудиме град кој нуди можности – можности за образование, вработување, претприемништво, но и за квалитетен културен и социјален живот. Во програмата предвидуваме отворање на Скопје Стартап хаб, кој ќе биде јадро за младите да можат да ги развиваат своите вештини, но и да работат на решенија за Градот. Ова е неопходно за да ја создадеме врската со нив, да го вратиме чувството дека прават нешто за градот во кој живеат, а нивните решенија, секако, ќе бидат имплементирани. Ќе создадеме повеќе јавни простори за култура, уметност и спорт, достапни за млади луѓе кои сакаат да се изразат и да градат заедница. Кога станува збор за забавниот живот, мојата визија е Скопје да стане регионален центар за култура и музика. Приоритет ќе ни биде враќање и возобновување на Скопски Фестивал. Тоа значи повеќе фестивали, концерти, изложби и младински иницијативи, но организирани и поддржани од Градот, во соработка со приватниот сектор. Во програмата предвидуваме и нови микролокации за ноќни клубови на отворено.