– Едно генерално правило гласи дека модата е начин на кој можеме да кажеме кои сме и што сме без да зборуваме. Ние, како луѓе, имаме вродени чувства за естетика, но и стекнати. Вродените зависат од генетското наследство, а стекнатите од образованието. Затоа, иако не можеме да ги контролираме вродените, можеме да стекнеме преку образованието, и мора да се работи на тоа – вели костимографот, моден дизајнер и професор Александар Рашковиќ во разговорот за весникот ВЕЧЕР. Токму поради неговото големо искуство од 30 години, разговаравме за неговиот досегашен ангажман во костимографијата и во модата, но и за модните предизвици што ги носи сегашното време
Александар Рашковиќ веќе 30 години работи како театарски костимограф и моден креатор, но тој е и професор, a своето искуство го има градено во театарските куќи каде што креира костими за бројни претстави, во модните ателјеа, на универзитетите во странство и во државата. Во моментов е и професор на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет Скопје. Како што вели, во животот учел од најдобрите, а јавноста го препознава како еден од најпознатите костимографи во државата со огромно искуство, но и како моден дизајнер со уникатен стил, кој носи препознатлив печат.
Како костимограф и моден дизајнер, што е, всушност, она по што Ве препознава пошироката јавност?
Па, веројатно, по театралноста во делата, дизајните… Љубовта кон костимографијата има големо влијание врз целокупното мое творештво. Таа нема граници и строги правила како во модниот дизајн, така што секогаш се препознава таа театралност во моите модни дизајни.
Потекнувате од семејство на модни дизајнери, па претпоставувам дека уште како дете се запознавте со светот на модата. Дали, всушност, беше тоа главниот поттик вашата идна кариера да тргне во истата насока?
Хм, можеби да, но јас како дете имав огромна желба да станам лекар. И ден-денес имам голем интерес за медицината и честопати некои интересни податоци од неа ми даваат големи идеи за дизајнирање на костим и мода. Јас сум израснат во таква средина, дизајнерска, текстилна… Татко ми ја имаше првата регистрирана конфекција во Македонија, во време на Југославија. Секојдневно бев присутен во таа фабрика, која, за мене, беше еден многу интересен свет, кој, веројатно, ја одреди мојата идна професија.
Колкав предизвик беше за Вас да започнете како театарски костимограф? На што сте особено горди во овој период од Вашата кариера?
Мојот успех како костимограф, несомнено, е поттикнат, пред сè, од моите професори по костимографија – проф. Ѓорѓи Здравев и проф. Лира Грабул (во средното уметничко училиште), а подоцна и од проф. Марија Трендафилова, во чија класа бев на Националната ликовна академија во Софија. Учев од најдобрите и сум бескрајно благодарен. Исто така, не можам, а да не ја споменам и Елена Дончева, тогашен костимограф во Македонската опера и балет, која безусловно ме советуваше кога и да ѝ се обратев додека студирав. И, секако, постојано учење и истражување. Во науката никогаш нема крај, колку повеќе осознаваш нови нешта толку повеќе отвораш нови креативни светови. Не сум горделив, но сум бескрајно задоволен од мојот досегашен опус во костимографијата.
Работата во театар е најчесто интересна и полна со анегдоти, споделете некоја случка што ќе ја паметите.
Паметам многу случки и сите по себе се интересни, бидејќи се работи за театарот, светот на илузијата, креативноста, магичноста… Само би кажал дека театарот ме научи на снаодливост и во најневозможните ситуации, бидејќи за разлика од филмот, тука нема корекција. Делото, претставата се случува сега, во овој момент и доколку згрешиш, нема корекција, публиката гледа сè. Затоа секогаш треба да си визионер, да предвидиш и невозможни ситуации за да имаш секогаш начин во истиот момент да дејствуваш на сцената.
Дипломиравте костимографија, но и моден дизајн, па и модните ревии станаа дел од Вашата кариера. Каде се гледате повеќе – во театарот или во модното ателје?
Тоа би го објаснил вака: еден родител со две ќерки, две сестри, поточно костимографијата е мајка на модниот дизајн. Една со друга се надополнуваат. Практично користат ист материјал за изразување, творење, креирање… а тоа е текстилот. Разликата е, во еден поглед, дијаметрално различна, бидејќи во костимографијата создаваш облека за замислени ликови, а во модниот дизајн за конкретни, вистински личности. Но, сепак, си имаат тие меѓусебно една синергија, која ги прави неразделни во мојот професионален свет.
Имате и сопствено ателје, каде што креирате уникатни модни парчиња. Има ли пазар за висока мода во Македонија?
За жал, многу малку. Во принцип, модата, високата мода е олицетворение на богато општество, економски моќно, а ние, за жал, не сме такво сè уште. Но, секогаш дизајнерот наоѓа начин да се произнесе во рамките на можностите на клиентите.
Какво е Вашето мислење за уличната мода? Се следат ли светските трендови?
Уличната мода е жива материја, која постојано се менува, еволуира. Таа е најголем показател на естетските и на визуелните вредности на еден народ, на граѓанството.
Секогаш сум пријатно изненаден кога ќе видам убаво облечен народ, кој размислува каков впечаток ќе ѝ остави на околината со својот визуелен приказ и честопати го гледам тоа во нашите градови. Ќе забележам дека граѓаните во помалите градови повеќе внимаваат на својот визуелен изглед, на облеката.
Со кои јавни личности соработувавте досега и каков впечаток оставија на Вас кога е облекувањето во прашање?
Со многу. Јас работам како дизајнер веќе 30 години и едноставно е невозможно да ги набројам личностите со кои имам работено. Сите оставиле свој впечаток кај мене, голем дел од нив ми станале лични пријатели и до ден-денес комуницираме, соработуваме, се дружиме. Секоја од нив имала свој личен печат како карактер, фигура, особености… Ги сакам и ги почитувам бескрајно, бидејќи и тие се дел од мојата досегашна професионална интерпретација.
Може ли да ни откриете која личност од јавниот или од политичкиот живот кај нас особено се истакнува со добар моден вкус?
Не можам да истакнам една личност, повеќе се, а и нашата јавна и политичка фела не се благонаклонети кон критика. Само едно можам да кажам. Почитувани јавни личности и политичари, обратете големо внимание на вашиот изглед, бидејќи така оставате најголем впечаток и влијание на околината. Почитувајте ги дизајнерите како што ги почитувате и другите професии во општеството.
Како што барате „помош” од лекар кога имате здравствен проблем, од адвокат кога имате правен проблем, од автомеханичар кога имате проблем со возилото, така побарајте помош од дизајнер, стилист кога имате потреба од него, а имате многу често, бидејќи вашата професија зависи од јавното појавување и од јавниот настап.
Во нашата држава има толку многу млади модни дизајнери и стилисти, секако и повозрасни, искусни. Сите се креативни и сигурен сум дека, со својата професионалност, ќе дадат огромен придонес за добробит во вашата професија.
Со оглед дека сè уште се зборува за фамозната шапка на Меланија на инаугурација на Трамп, какво е Вашето мислење за нејзиното облекување, но и за облекувањето на познатите дами од политиката, па и за актерките?
Меланија сама по себе е модна икона, а згора на сè, е и сопруга на претседателот на една од најголемите држави во светот и тоа ја прави секогаш интересна за модните новинари. Нема што да се забележи во нејзиното облекување како негативна особеност, бидејќи таа е со огромно искуство во модата. Е сега многу е битен и сегментот на модната или визуелната психологија, а таа совршено владее и со тоа за разлика од некои други светски личности, дами, кои понекогаш прават и модни гафови. Но, како што рекле старите Римјани: „De gustubus et coloribus, non est disputandum“ (за вкусовите и за боите не треба да се расправа).
Кое е значењето на модата, каква тежина има? Дали модниот вкус, според вас, е вроден или се стекнува во текот на животот и сметате ли дека и самата облека зборува за човекот?
Модата е една голема сила во нашиот свет на живеење, всушност визуелен впечаток. Таа може да воздигне една личност во небесата, а може и да и го сруши целиот свет. Едно генерално правило гласи дека модата е начин на кој можеме да кажеме кои сме и што сме без да зборуваме. Ние, како луѓе, имаме вродени чувства за естетика, но и стекнати. Вродените зависат од генетското наследство, а стекнатите од образованието. Затоа, иако не можеме да ги контролираме вродените, можеме да стекнеме преку образованието, и мора да се работи на тоа.
Кој е Вашиот совет кога е модата во прашање?
Секогаш советувам да бидеме уникатни во облеката, свои и единствени, креативни и иновативни, но, пред сè, примерни. Да внимаваме за „каде“ како се облекуваме. Да внимаваме, бидејќи никогаш немаме втора шанса да оставиме прв впечаток.
За крај, остана ли за Вас, како костимограф и моден креатор, некој неисполнет сон, можеби да се испробате и во друг облик на уметноста или во некоја сосема друга професија?
Секако дека да, толку многу нереализирани идеи и проекти имам, а сè некако немам доволно време. Но, еве, ќе откријам дека подготвувам една изложба на слики, акрил и комбинирана техника во тродимензионален вид. Една сублимација на модата и на сликарството, па би рекол и на скулптурата.
Никол Кидман секогаш ме инспирира за креативни подвизи
Која јавна личност, домашна и светска, би сакале да носи креација со Ваш потпис?
Како и секогаш, кажувам дека најголема инспирација црпам од моето семејство, секако и огромна поддршка во сите мои дејства. Но не можам, а да не кажам дека има една личност што, исто така, секогаш ме инспирира за моите креативни подвизи, а тоа е познатата актерка Никол Кидман. Ете, за неа би сакал, кога би имал можност, да направам некаква креација. Желбата е едно, а реалноста сосема друго, но секогаш ни е дозволено да мечтаеме.
Даниела ТРАЈКОВСКА
Фото: Ѕ. Плавевски