Македонската рок-ѕвезда, која стана и „Ѕвездата на Гранд“ со победата во истоименото балканско шоу, охридскиот пејач Александар Јосифовски, кој од неодамна е со белградска адреса на живеење, има убави вести за сите нас. Наредниот месец тргнува на двомесечна американска турнеја заедно со српската пејачка мегаѕвезда, Драгана Мирковиќ. Аца-фаца, како што нагалено го ословуваат обожавателите, не ја крие својата радост, а и зошто да ја крие? На охриѓанецот му тргна да пее само со најдобрите. Пред две години, исто така на американска турнеја, настапуваше со уште поголема музичка ѕвезда, со Лепа Брена. Додека во Австралија, на тамошната турнеја, нашиот Охриѓанец беше гостин на концертите на легендарниот Горан Бреговиќ.
Се зборува, со право, дека најпопуларните го одбираат за свој специјален учесник на нивните концерти, не само поради доброто пеење, убавото колегијално однесување со нив, со публиката и со новинарите, туку и поради многу атрактивниот физички изглед. Овој харизматичен Македонец не само што е таков туку е и премногу искрен кога зборува за својата приватност. Сега е во втор брак, а за време на натпреварувањето во „Ѕвездите на Гранд“, Александар отворено проговори за долгата борба со алкохолизмот.
Призна дека одеше на лекување и на рехабилитација, со што испрати силна порака до сите оние што се соочуваат со истиот здравствен проблем. Неговата искрено емотивна исповед беше дочекана со восхит и со поддршка од публиката и од неговите естрадни колеги. Од таа неизвесна и нерамноправна борба, тој излезе како победник. И притоа, со сосем сменет имиџ. Има долга светла коса во рокерски стил, која е негов заштитен знак. Неговата физичка трансформација предизвикува силни воздишки кај понежниот пол. Нема сомнение дека така ќе биде и на претстојната турнеја во Америка, со сè уште атрактивната Драгана Мирковиќ. (Д. М.)












