Албанската министерка Спиропали преброи 33 отсто Албанци во Македонија, иако пописот покажа 29,52 проценти: Лапсус или погрешно брифирање?

На прес-конференцијата, албанската министерка рече дека Албанија го поддржува интегрирањето на Македонија во ЕУ и поради тоа што овде „живее еден државотворен народ, кој изнесува 33 проценти според последниот попис“. Тоа е во спротивност со резултатите на пописот од 2021 година, кој покажа дека вкупниот процент на албанското население е помал за 3,5 проценти

723

Погрешен пописен процент за застапеноста на Албанците во Македонија соопшти денеска албанската министерка за Европа и за надворешни работи, Елиса Спиропали, за време на официјална посета на Македонија. На прес-конференцијата по официјалната средба со нејзиниот македонски колега, Тимчо Муцунски, на која ја поддржа евроинтеграцијата на нашата земја, таа рече дека албанскиот народ е државотворен и е застапен со 33 отсто.

– Албанија го поддржува интегрирањето на Македонија во Европската Унија, затоа што делиме заедничка иднина и затоа што овде живее еден државотворен народ, кој изнесува 33 проценти според последниот попис, истакна Спиропали.

Вака соопштениот процент од нејзината страна не одговара на официјалните пописни резултати на пребројувањето на населението во наша земја во 2021 година. Официјално, во Македонија има 1.836.713 лица како „резидентно население“, односно, население присутно во земјава, а од нив 24,30 проценти се Албанци. Како „нерезидентно население“, односно како наши граѓани што се повеќе од 12 месеци во странство, биле попишани 260.606 лица, од кои 66,36 проценти како Албанци… Со тоа, вкупното попишано резидентно и нерезидентно население изнесува 2.097.319 лица, меѓу кои 54,21 отсто се изјасниле како Македонци, 29,52 проценти како Албанци, 3,98 отсто како Турци, 2,34 проценти како Роми, 1,18 отсто како Срби, 0,87 отсто како Бошњаци и 0,44 проценти како Власи. Односно, во никој случај не е констатиран процент од 33 отсто Албанци во Македонија.

Инаку, Спиропали нагласи дека силно ја поддржуваат Македонија кон европскиот пат и тоа, како што вели, не само поради тоа што двете земји се партнери, туку затоа што нашата земја со јаки институции е сигурност за целиот регион.

– Уште еднаш се покажа дека нашиот пат е вистинскиот и дека европската иднина на Албанија е неодолива од траекторијата на Западен Балкан. Овој процес не го гледаме како натпревар меѓу земјите кандидатки, туку како пат кој го одиме заеднички, дестинација која е неизбежна и природна припадност на нашите народи, посочи Спиропали.

Министерот Муцунски, пак, рече дека по отворањето на албанскиот Конзултат во Струга, се очекува наредната година да се отвори наш конзулат во Корча.

– Разговараме и за поврзувањето во различни други области, за добрососедството и за размената на различни проекти. Изразувам и благодарност за одличната соработка, која постои на билатерален план по однос на прашањата за заштитата на македонското национално малцинство, кое живее во Република Албанија. Продолжуваме заеднички низ призмата на многу иницијативи, кои можат да нè обединат – рече Муцунски. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ