Големи пожари ја зафатија Албанија, во кои животот го загубија две лица, а осум се повредени. Најтешка е состојбата во Грамш и Пуличан, каде досега се евакуирани над 300 жители.
Министерот за внатрешни работи Таулант Венгу изјави дека во гаснењето се ангажирани 1.300 локални пожарникари и над 1.000 војници, а само во подрачјето на Грамш од воздух интервенираат четири хеликоптери. Пламените јазици се закануваат и на населени места во Тепелена, Финиќ, Делвина и Дропул.
Селата Кулолас, Блетез, Менколар и Шимар кај Грамш се целосно пеплосани. Екипи на итна помош и пожарникари се обидуваат да спасат жена и две деца кои се заобиколени од пожар.
Претседателот Бајрам Бегај упати апел до граѓаните, особено до жителите на Грамш, да соработуваат со надлежните служби и да помогнат во заштита на животите и имотот.