Голем скандал се случи на боксерскиот спектакл во Белгија кога локалниот натпреварувач Меритон Караџа, Албанец по потекло, го касна српскиот претставник Ѓорѓе Стојковиќ. Борбата беше предвидена да трае до 12 рунди, но мечот беше прекинат во четвртата рунда по една необична ситуација.
Караџа во текот на еден клинч го гризна Стојковиќ за рамо. Судијата го прекина мечот и сосема неочекувано му ја додели победата на Албанецот со технички нокаут. Таквата одлука предизвика бура од реакции, особено во Србија каде беше дочекана со многу критики, поразот не сакаат да го прифатат.
Српската професионална боксерска федерација излезе со соопштение по повод исходот од овој меч и најави жалба.
„Скандал на профи ревија во Белгија!!!
Нашиот Ѓорѓе Стојковиќ од Ниш боксуваше на промоција 12 рунди во белгискиот град Лувен Ла Нев против натурализираниот Белгиец со потекло од Албанија, Меритон Караџа. На средината на четвртата рунда, Караџа го гризна Стојковиќ, кој од силната болка се фати за рамото.
Судијата во рингот, Мишел Максиута, наместо да го дисквалификува домашниот боксер, ја крена раката на Караџа и го прогласи за победник! До моментот на прекинот, мечот беше одличен — нашиот Ѓорѓе ја преземаше иницијативата и сигурно ќе оствареше уште една победа на гостински ринг.
Сојузот на професионалниот бокс на Србија утре ќе поднесе официјална жалба до Белгиската боксерска федерација, со барање да се прегледа снимката од мечот и да се промени донесената одлука…“, стои во соопштението.