Двајца припадници на Националната гарда кои беа застрелани во центарот на Вашингтон денеска се во критична состојба, изјавија на прес-конференција директорот на ФБИ, Кеш Пател, и градоначалничката на Вашингтон, Мириел Баузер. Гувернерот на Западна Вирџинија претходно изјави дека тие им подлегнале на повредите, но подоцна ја повлече таа изјава.
„До американската јавност и до светот, ве молам испратете ги вашите молитви до овие храбри воини кои се во критична состојба, како и до нивните семејства“, рече Пател.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека по денешното пукање во близина на Белата куќа, американскиот претседател Доналд Трамп го замолил да распореди дополнителни 500 членови на Националната гарда во Вашингтон.
Хегсет рече дека пукањето во Вашингтон било „кукавички, подмолен чин, насочен кон најдоброто што го има Америка“, објави Скај њуз.
„Ова се случи на само неколку чекори од Белата куќа. Затоа претседателот Трамп ме замоли, а јас ќе го замолам секретарот на армијата, да распоредиме дополнителни 500 членови на Националната гарда во Вашингтон. Ова само ќе ја зајакне нашата решителност“, рече Хегсет.
Се верува дека осомничениот за пукањето врз припадниците на Националната гарда во центарот на Вашингтон дејствувал сам, изјави Џеф Керол, помошник-началник на Одделот за специјални операции на Метрополитенската полиција.
„Се чини дека станува збор за осамен вооружен човек кој кренал оружје и ги нападнал припадниците на Националната гарда. Тој брзо бил уапсен од други членови на гардата“, изјави Керол за новинарите, коментирајќи го инцидентот.












