Алармантни бројки: Речиси секое второ дете на 14 години во Македонија пуши

36
СЗО и ЕСПАД алармираат: пушењето почнува уште во основно училиште, а електронските цигари стануваат нова закана

 

Младите во Македонија сè повеќе користат електронски цигари, а околу 40 % на возраст од 14 години веќе пушат цигари од тутун, покажуваат податоците од Светската здравствена организација, ама и од анкетата на Институтот за јавно здравје на средношколци, родени во 2008 година, низ целата држава.

Податоците што ги презентираше се особено загрижувачки. Просечната возраст на почнување со пушење во Македонија е 13,5 години, што значи дека пушењето почнува уште во основно училиште. Според ESPAD 2024, 33% од учениците на возраст од 15 и 16 години барем еднаш пробале цигара, а 24% пушеле во последните 30 дена. Дури 74% од младите пушачи започнуваат со пушење пред 13 години, а повеќе од 80% од пушачите ја формираат навиката пред 25-годишна возраст.

Најалармантно е што речиси 80% од младите пушачи никогаш не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст.

Иако во споредба со минатото, младите денеска помалку одговориле на прашалникот дека пушат цигари, сепак загрижува користењето на електронските цигари и продажбата на малолетници. Министерката за образование, Весна Јаневска, на презентацијата на резултатите од Европскиот проект за истражување во училиштата за алкохол и дроги ЕСПАД-2024, рече дека МОН од минатата година повторно ја воведе програмата за превенција од пороци кај адолесцентите и веќе е направена обука на наставниците во 50 основни училишта како да влијаат кај децата да не подлегнуваат на врсничкиот притисок.

Во Собранието, пак, на Комисијата за здравство, надлежните објавија дека Македонија губи околу 4.000 животи годишно како последица од пушењето тутун или тутунски производи. Според податок од СЗО, 40 % од младите на возраст од 14 години веќе пушат.

– Ние од малолетни деца создаваме доживотни зависници кои водат во висока смртност. Само пет отсто од зависниците од тутун успеале да ја надминат зависноста самостојно. Без промена на нашите животни стилови, без 30 минути пешачење, без сузбивање на пушењето, алкохолот, ние неминовно ќе се соочиме со неодржлива ситуација на здравственото осигурување – изјави директорот на ФЗО, Сашо Клековски.

Доктор Глигор Тофоски, специјалист акушер, рече дека имаме закон дека не смее да се продаваат цигари на малолетници и оти тој мора да се почитува за доброто на младите.

– Имаме закон, според кој, пушењето е забрането и во здравствени установи, кафулиња, ресторани. Кога излегуваме од кафулиња и ресторани мирисаме на цигари, затоа што таму има квази тераси на кои може да се пуши. Пасивното пушење е, исто така, здравствен проблем – рече д-р Тофоски.

Анализите на Аналитика покажуваат дека зголемување на цените за 10% ја намалува веројатноста младите да започнат со пушење за околу 3%. Повисоките цени имаат најголем ефект кај децата и младите и кај домаќинствата со низок доход.

Доследно и строго спроведување на законите што забрануваат продажба на тутунски производи на малолетници, како приоритет број еден во превенцијата.

Зајакнување и спроведување на забраните за пушење на јавни места, со цел заштита на јавното здравје и враќање на веќе постоечките законски решенија кои денес во пракса не се почитуваат.

ИЗДВОЕНИ