Новото национално истражување спроведено во 75 училишта покажува дека 13,6 отсто од учениците од 13 до 15 години користат некаков тутунски производ. Девет проценти посегнуваат по електронски цигари, а 45,1 отсто виделе некого како пуши во училишните простории. Повеќе од половина од младите се изложени на пасивно пушење дома или во затворени јавни простори, а речиси три четвртини од пушачите не биле спречени да купат цигари поради возраста.
Речиси секое седмо дете на возраст од 13 до 15 години во земјава користи некаков тутунски производ, покажа истражувањето што го презентираше Министерството за здравство. Статистиката загрижува, со оглед на тоа дека станува збор за генерација деца кои влегуваат во зависност од цигарите пред да станат полнолетни.
Најновото национално истражување, спроведено во 75 училишта со 4.670 ученици, покажува дека 13,6 отсто од учениците од седмо до деветто одделение моментално користат тутунски производ. Истражувањето е дел од глобалниот систем за надзор на тутунот поддржан од Светска здравствена организација.
Глобалната „мода“ на е-цигари ги освојуваат и македонските училишта. Девет проценти од учениците користат електронски цигари – што е повеќе од двојно зголемување во споредба со 2016 година. Загрижува фактот што кај девојчињата процентот (9,6 %) е повисок отколку кај момчињата (8,2 %). Електронските уреди со овошни и слатки ароми создаваат перцепција дека се „побезбедни“, иако содржат никотин – супстанција што создава силна зависност и влијае врз развојот на мозокот кај адолесцентите.
Според податоците, 4,9 % користат производи со загреан тутун, а 5,3 % пушат класични цигари. Дополнително, 3,6 % користат тутун што не се пуши. Најпоразителен е податокот дека 73,2 % од младите пушачи не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст, иако законот забранува продажба на малолетници, но контролата е, очигледно, слаба. Истовремено, 45,1 % од учениците изјавиле дека виделе некого како пуши во училиште или во училишниот двор.
Пасивното пушење е уште една темна страна на приказната. Дури 57 % од младите биле изложени на чад во сопствениот дом, а 55,4 % во затворени јавни простори. Значи, децата не само што експериментираат – тие растат во средина каде што чадот е нормален.
Според истражувањето, дури 66,1 % од сегашните пушачи се обиделе да се откажат во последните 12 месеци, а 56,5 % сакаат да престанат веднаш. Ова укажува дека дел од децата веќе ги чувствуваат зависноста и последиците, но немаат доволно системска поддршка. Според истражувањето, 86,9% од учениците ја поддржуваат забраната за пушење во затворени јавни простори – што значи дека младите се поподготвени за рестрикции отколку дел од возрасните.
Министерот за здравство најави дека новиот предлог-закон за заштита од пушењето е со четири столба:
– Прво, целосна заштита од пасивно пушење. Без чад и без аеросол во затворени и работни простории. Заштитата важи и за аеросолите од електронските цигари, чија безбедност при пасивна изложеност не е докажана. Второ, намалување на привлечноста. Забрануваме продажба на производи што содржат карактеристични ароми, што создаваат препознатлив вкус или сензорен ефект поинаков од природниот тутунски профил. Овошни, слатки, ментол и други вкусови што ја маскираат штетноста и го олеснуваат првото пробување – повеќе нема да бидат дозволени. Трето, ограничување на маркетингот и на изложувањето. Ќе се стави крај на целењето на младите преку социјалните мрежи, инфлуенсерите, игрите и дигиталните платформи. Тутунските и никотинските производи веќе нема да бидат јавно изложени, туку во затворени ормани. Четврто, ограничување на достапноста и засилена контрола на продажбата на малолетници, изјави Азир Алиу.
Според предлог-законот за пушење, е-цигарите нема да смеат да се користат во затворени простории, а ќе бидат строго ограничени и нивните вкусови. Ќе се забранат сите благи и атрактивни ароми што се насочени кон младите, а ќе останат дозволени само неутралниот вкус и вкусот на тутун. Примената на законот во делот за терасите ќе биде одложена за да имаат време угостителите инфраструктурно да се приспособат. Наместо првично предвидените три отворени страни, пушење ќе биде дозволено на тераси со најмалку две целосно отворени страни и природно проветрување. Целта, според надлежното министерство, е заштита на населението, особено на младите. (П.А.)












