Европските земји што се граничат со Русија треба да се подготват за можноста Вашингтон да повлече дел од своите војници од регионот и да започне со градење на сопствени воени капацитети, изјави естонскиот претседател Алар Карис за Политико.
Карис откри дека лично го предупредил американскиот претседател Доналд Трамп за важноста на американското воено присуство во Источна Европа кога двајцата лидери поминале речиси два часа заедно во април на погребот на папата Франциск.
„Му објаснив сè“, рече Карис во естонската мисија во Европската Унија.
„Присуството на американски војници во Естонија – не само во Естонија, туку и во Европа – е од клучно значење. И не само за Европа, туку и за самите САД“.
Иако беше донекаде уверен од изјавите на Трамп, особено оваа недела кога вети дека американските војници ќе останат во Полска, Карис нагласи дека е „многу тешко да се предвиди“ што ќе направи Вашингтон во Балтикот. Затоа, додава тој, земјите како Естонија „мора да бидат подготвени за секаков сценарио“, а можноста најголемата членка на НАТО да се повлече „значи дека мора да ги изградиме сопствените капацитети“.
Соединетите Американски Држави моментално имаат околу 2.000 војници распоредени во балтичките држави – Естонија, Литванија и Латвија – како дел од зголемувањето на бројот на војници по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Пентагон моментално спроведува преглед на својата глобална позиција на силите, чии резултати се очекуваат до крајот на месецот. Прегледот го води Елбриџ Колби, помошник-секретар за одбрана на САД за политика, кој е познат по своето застапување за намалување на присуството на САД во Европа.