Ал Шара, првиот сириски лидер што влегува во Белата куќа по 1946 година бара укинување на сите санкции и сака Сирија да се приклучи на коалицијата против Исламска држава

124

Ал Шара, кој дојде на власт минатата година откако неговите сили го соборија режимот на Асад, се обидува да го убеди Вашингтон дека санкциите го забавуваат закрепнувањето на земјата и дека повеќе немаат цел. Тој е поранешен командант на бунтовничките сили, кој некогаш беше на американска потерница со награда од 10 милиони долари, но во последните месеци се обидува да ја претстави својата влада како отворена и подготвена за соработка со Западот. Во септември, тој се обрати пред Генералното собрание на ОН и стана првиот сириски лидер што го направил тоа по повеќе децении

 

Сирискиот претседател, Ахмад ал Шара, пристигна во Вашингтон на средба со американскиот претседател, Доналд Трамп, во Белата куќа. Ова се смета за историски настан, бидејќи е прва официјална посета на сириски лидер во САД откако, во 1946 година, се здоби земјата со независност.

Главна тема на разговорите, според медиумите, ќе биде укинувањето на преостанатите санкции кон Сирија, која се обидува да закрепне по тринаесетгодишната граѓанска војна. Весникот „Гардијан“ објави дека Дамаск ќе побара целосно укинување на економските ограничувања што останаа на сила и по падот на поранешниот претседател Башар ал Асад. Ал Шара, кој дојде на власт минатата година откако неговите сили го соборија режимот на Асад, се обидува да го убеди Вашингтон дека санкциите го забавуваат закрепнувањето на земјата и дека повеќе немаат цел.

Трамп, кој се сретна со сирискиот претседател првпат во мај, во Ријад, уште тогаш го опиша како „млад и привлечен човек, цврст борец со силно минато“. По таа средба, американскиот претседател укина дел од санкциите, што беше голем пресврт во американската политика кон Сирија. Сириската делегација сега ќе бара укинување и на законот Цезар од 2019 година, со кој беа воведени строги санкции за кршење на човековите права од страна на поранешниот режим. Тој остана во сила и за негово трајно укинување, потребно е одобрение од Конгресот. Цезар, всушност, е кодното име на поранешен сириски војник што направил и шверцувал 55.000 фотографии од затвореници и од трупови во центрите за притвор на режимот на Башар ал Асад. Укинувањето на тој закон ќе поттикне глобални инвестиции во земјата опустошена од граѓанската војна, чија реконструкција, според процените на Светската банка, ќе бара повеќе од 200 милијарди долари.

САД минатата недела предводеа иницијатива во Советот за безбедност на ОН со која беа укинати и санкциите против самиот Ал Шара. Тој е поранешен командант на бунтовничките сили, кој некогаш беше на американска потерница со награда од 10 милиони долари, но во последните месеци се обидува да ја претстави својата влада како отворена и подготвена за соработка со Западот. Во септември, тој се обрати пред Генералното собрание на ОН и стана првиот сириски лидер што го направил тоа по повеќе децении.

Средбата меѓу претседателот на Сирија и претседателот на САД во Белата куќа го заокружува импресивниот период за сирискиот бунтовник, кој стана владетел, го собори долгогодишниот автократски лидер и оттогаш патува по светот, обидувајќи се да ја прекине меѓународната изолација на Сирија. Состанокот во Белата куќа се одржува шест месеци по нивната прва средба во Саудиска Арабија и по само неколку дена откако Вашингтон изјави дека поранешниот член на Ал Каеда повеќе не е „специјално назначен глобален терорист“.

Политиката на Ал Шара за регионално позиционирање на Сирија се движи со вртоглава брзина. Под негово лидерство, земјата се оддалечува од клучните сојузници на Асад, Иран и Русија, кон Турција, земјите од Заливот и Вашингтон. Тој очекува од  Трамп да прифати САД да посредуваат во разговорите меѓу Сирија и Израел за можен безбедносен пакт, а „Ројтерс“ објави дека САД планираат да воспостават воено присуство во воздухопловната база во Дамаск. Сирија, исто така, треба да ѝ се приклучи на коалицијата предводена од САД во борбата против Исламска држава.

Неколку дена пред овој состанок, Трамп им рече на новинарите во Белата куќа дека е постигнат голем напредок во врска со Сирија. Сепак, сириското општество повторно е ставено на тест по новите изливи на секташко насилство, кои одзедоа повеќе од 2.500 животи од падот на Асад, главно од заедниците на Друзите и христијаните, продлабочувајќи ги раните од граѓанската војна и доведувајќи ја во прашање способноста на новите владетели да управуваат со сите Сиријци.

Во пресрет на средбата со Трамп, висок сириски безбедносен функционер и висок функционер од Блискиот Исток изјавија дека во изминатите неколку месеци биле спречени заговорите на Исламска држава за убиство на Шара. Според изворите, во едниот случај, заговорот на ИСИЛ бил насочен кон претходно најавен официјален настап на Шара.

ИЗДВОЕНИ