Ревизорскиот извештај за СЦ „Борис Трајковски“ укажува дека и организацијата на големиот самит на ОБСЕ, кој се одржа во Скопје, од 30 ноември до 1 декември 2023 година, за што Министерството за надворешни работи (МНР) потрошило над 124 милиони денари, не поминала без проблеми во административно-имотниот дел. Иако центарот ги отворил вратите за настанот и овозможил целосна логистичка поддршка, ревизијата покажува дека по завршување на самитот не се знае што точно е изведено, што инсталирано и оставено како трајна вредност во центарот
Државниот завод за ревизија утврдил низа неправилности и слабости во работењето на спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје за 2023 година, што резултира со нефункционални објекти, дотраена опрема и пропуштени можности за остварување дополнителни приходи. Ревизијата даде мислење со резерва за финансиските извештаи и неповолно мислење за усогласеноста со законите.
Според податоците во ревизорскиот извештај, во 2023 година Аква паркот остварил само 4,29 милиони денари приходи, далеку под очекувањата. Причините за оваа состојба се повеќеслојни – од недоволен интерес на посетители, до хронични технички и инфраструктурни проблеми, кои со годините не биле навремено санирани. Поради ваквата неисплатливост, Аква паркот е целосно затворен во 2024 година.
Особено алармантен е фактот што гарантниот рок на вградените реквизити, на опремата и на инсталации истекол, а тоа значи дека изведувачите веќе не гарантираат за нивниот квалитет. Без функционални услови и без гаранции, управителите не можат да го отворат објектот без ризик од дефекти и дополнителни трошоци. Во меѓувреме, приходите од другите делови на центарот – базенот, кугланата и лизгалиштето – продолжиле да растат.
Ревизорите укажуваат и на неизвесноста околу соларниот систем за загревање на пливачкиот базен, кој не е во функција поради технички недостатоци. За набавката на овој систем, друштвото исплатило речиси 26 милиони денари, а неговата сегашна книговодствена вредност е само 2,85 милиони денари.
Констатирана е и пропуштена можност за остварување приходи од стопанисување со паркингот. Иако друштвото има право да го користи, со години наназад не наплаќа за паркирање.
Ревизорскиот извештај за Спортскиот центар „Борис Трајковски“ укажува дека и организацијата на големиот самит на ОБСЕ, кој се одржа во Скопје, од 30 ноември до 1 декември 2023 година, за што Министерството за надворешни работи (МНР) потрошило над 124 милиони денари, не поминала без проблеми во административно-имотниот дел. Иако центарот ги отворил вратите за настанот и овозможил целосна логистичка поддршка, ревизијата покажува дека по завршување на самитот не се знае што точно е изведено, што инсталирано и оставено како трајна вредност во центарот.
Проблеми се утврдени и при издавањето на деловните простории. Иако закупот се врши преку електронско јавно наддавање, кај 14 од 24 активни договори, постигнатата цена е пониска од првично проценетата, со намалувања кои се движат од 6% до 50%. Овие договори, склучени на четири години, се продолжуваат со анекси под истите услови, без цените да се усогласат со актуелните пазарни услови.
Во извештајот се нотира и дека долгот од над 260 милиони денари кон Град Скопје за изградба на салата, направен во 2011 година, е отплатен дури во периодот 2019-2023 година. Бидејќи друштвото работело со загуба, сите средства за отплата биле обезбедени од државниот буџет.
(А.П.)