Aкумулацијата „Стрежево“ е порибена со 250 килограми крап, со просечна тежина од 245 грама, што, според риболовната основа, треба да биде од 50 до 800 грама.
– Порибувањето на Стрежевското Езеро е еден од тие сегменти на работа на ова јавно претпријатие. Порибувањето е важно, затоа што рибата претставува најдиректен индикатор за квалитетот на водата, а со ваквите активности се придонесува за одржливо управување со рибниот фонд и за зачувување на биолошката рамнотежа во акумулацијата, а и ја исполнуваме обврската како концесионери – изјави директорката на ЈП „Стрежево“, Вера Бешлиевска.
Таа додаде дека оваа година битолчани не треба да се грижат за тоа дали ќе има вода.
– Оваа година, за разлика од минатата, која беше исклучително сушна, имаме 62 милиони кубни метри вода, и нивото на водата е високо за овој период. Можеби, првпат по неколку години го имаме дотокот на таа количина вода. За разлика од лани, кога имавме околу 34 милиони кубни метри вода во овој период. Oчекуваме оваа година да имаме доволно количина на вода за сите потреби и на „Водовод“, РЕК „Битола“, индустријата и на земјоделците – нагласи Бешлиевска.












