При расправата за ребаланс на буџетот, СДСМ денеска поднесе амандман за зголемување на средствата за противпожарна заштита од 500 милиони денари. Пратеничката Сања Лукаревска, образложувајќи го амандманот, истакна дека треба да се зголемат буџетските средства наменети за функционирањето и развојот на територијалните противпожарни единици, преку зголемување на платата на пожарникарите, нови вработувања и подобрување на условите за работа, безбедност и ефикасност на пожарникарите, како и за одржување на постојната механизација, подобрување на условите за работа во противпожарните станици, набавка на лична заштитна опрема за пожарникарите и дополнителен надоместок за вонредно ангажирање пожарникари и други лица.
Инаку, пет активни пожари на отворен простор има денеска на територијата на Македонија. Пожарот кај селото Николич, Општина Дојран, каде што гори нискостеблеста шума, и натаму е на врвот од приоритетите на Дирекцијата за заштита и спасување, како и пожарот во Општина Чучер-Сандево, во близина на селото Горњани, каде што, исто така, гори нискостеблеста шума. Се вложуваат напори да се изгасне и пожарот кај селата Џидимирци и Крушје во Општина Велес, каде што гори мешана шума. Во Општина Липково, кај селото Отља, гори деградирана ниска вегетација, а во Македонски Брод се запалени и горат дабова шума, грмушки и трева на просторот помеѓу селата Црешнево, Локвица, Крапа и Слатина.
Според информации на Центарот за управување со кризи, денеска се изгаснати и се држат под контрола пожарите кај населбата Три Багреми во Прилеп, кај виничкото село Драгобрашта, селото Војшани во Општина Демир капија и селото Франгово во Општина Струга.
Надлежните велат дека голем број од пожарите се подметнати, иако некои се резултат на превисоките температури што владеат деновиве. Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ посочува дека се споделуваат снимки во јавноста од кои се гледа дека лица потпалуваат пожари, како што е видеото во Делчево на кое се гледа дека човек потпалува пожар, а потоа бега од местото.
– Дополнително, секојдневно сведочиме на нови фатени или приведени лица, од кои голем дел водат до опозицијата лично. Оттука, ги повикуваме институциите уште пожестоко да постапат кон сите што подметнуваат пожари. Дека станува збор за сценарио, покажува и фактот што СДС со денови, со чудна злорадосност, ликува за пожарите, иако институциите реагираа како никогаш досега, и сето тоа поради дополнителната опрема и високата мотивираност – истакна Петрушевски.
Тој нагласува дека од СДСМ забораваат оти сега, за разлика од порано, имаме доволен број возила, авиони и мотивиран персонал.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, рече дека секогаш кога се упатува критика за лошо справување со пожарите, ВМРО-ДПМНЕ наоѓа начин да го обвини СДСМ.
– Овој пат отидоа чекор подалеку и тврдат дека СДСМ ги подметнува пожарите. Апсурд што не се памети! Ако навистина веруваат во такво нешто, тогаш дали и во општините каде што има градоначалници од СДСМ и каде што беснеат пожари, пожарите се подметнати од блиски на ВМРО-ДПМНЕ? – праша таа.
Ивановска: За дивата депонија Визбегово ДКСК отвори предмет уште во 2020 година!
– Пожарот што се случи во Визбегово е близу дивата депонија за која работевме предмет во ДКСК во 2020 година. По многу вложен труд и 20 милиони денари од буџетот на државата и МЖСПП, се успеа да се исчисти и се најави изградба на парк. Наместо тоа, повторно сме сведоци на дива депонија, односно на еколошка катастрофа – вели поранешната прва антикорупционерка, Билјана Ивановска.
Таа прашува зошто Општина Шуто Оризари и МЖСПП не ја исполнуваат законската обврска за надзор и контрола и не преземаат мерки против сторителите, кои ја полнат депонијата. Ивановска констатира дека последиците од негрижата за таа депонија, нејзината околина и воопшто животната средина во Скопје, сите ги трпиме, целиот град се души.
Енормно зголемена потрошувачката на вода во Скопје, можни се рестрикции и намален притисок
Повторно има енормно зголемена и неконтролирана потрошувачка на водата за пиење, што предизвикува нарушување на стабилноста на водоснабдителниот систем, поради што се можни појави на намален притисок и прекини на водоснабдувањето во одредени делови на Скопје, соопштија од ЈП „Водовод и канализација“.
– Имајќи го предвид фактот дека водата за пиење е ограничени ресурс, апелираме до сите граѓани на Градот Скопје за рационална и совесна употреба – истакнуваат од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
(С. Бл.)