Осумдесет и двегодишната Савка Стефковска е една од триесетината лица во трето доба кои на дневна основа го посетуваат Дневниот центар за стари лица на Црвениот крст на Град Скопје кој се наоѓа во Домот на хуманитарните организации „Даре Џамбаз“. Таа и вчера беше присутна таму. Не и е тешко да доаѓа од населбата Ченто каде живее, бидејќи како што вели сака дружба со жените од нејзино доба. Веќе 2,5 години два пати во неделата, по еден до два часа навраќа таму. Во овој Центар на Савка и минува времето бргу, бидејќи и е исполнето. Таа членува во работилницата за плетење и шиење, како и во креативната работилница. Вчера, Црвениот крст на Град Скопје го одбележа Меѓународниот ден на стари лица

 

Осумдесет и двегодишната Савка Стефковска е една од триесетината лица во трето доба кои редовно го посетуваат Дневниот центар за стари лица на Црвениот крст на град Скопје кој се наоѓа во Домот на хуманитарните организации „Даре Џамбаз“.

Таа и денеска беше присутна таму. Не и е тешко да доаѓа од населбата Ченто каде живее, бидејќи како што вели сака дружба со жените од нејзино доба, Веќе 2,5 години два пати во неделата, по еден до два часа навраќа таму. Во овој Центар на Савка и минува времето бргу, бидејќи и е исполнето. Таа членува во работилницата за плетење и  шиење, како и во креативната работилница.

-Плетеме шалчиња, капи, ракавици, правиме топченца приврзоци и уште многу работи. По повод 80 годинии постоење на Црвениот крст на град Скопје направивме 250 приврзоци – објаснува Савка. 

Дел од плетените работи ги продаваат на хуманитарните базари, а собраните средства од продажбата ги наменуваат во хуманитарни цели.

Сега тие се подготвуваат за базарот по повод Неделата на грижа на старите лица  која ќе се реализира втората недела во месец ноември.

-Подготвуваме куќарки од дрвца, правиме приврзоци, а тие од сликарската работилница  подготвуваат слики. Така времето во работа и со шали убаво ни поминува – споделува Савка.

Денеска, Црвениот крст на град Скопје го одбележа Меѓународниот ден на стари лица.

-Први октомври, 14 години по ред, Црвениот крст на град Скопје, односно неговите сервисни услуга Дневен центар за стари лица и Центарот за давање помош во домашни услови го одбележува меѓународниот ден на старите лица. По тој повод се реализираат два вида активности. Поставени се информативни пунктови за мерење на крвен притисок и шеќер во крвта од 8.30 часот до 10.30 часот на три локации во Скопје и тоа на автобуската постојка кај Зелен пазар, кај пазарот Буњаковец и на плоштадот во Сарај. На овие пунктови  граѓаните можат да се информираат и за социјалните услуги наменети  за стари лица – истакна Елеонора Андонова координатор на Социјалната услуга Дневен центар за стари лица  и Центар за давање помош во домашни услови.

Интересот за овие пунктови каде граѓаните можеа бесплатно да си измерат крвен притисок и шеќер во крвта беше огромен, за што сведочеа огромните редици во кои трпеливо се чекаше ред.

Втората  активност по повод меѓународниот ден на старите лица која денеска се реализираше  од страна на Црвениот крст беше предавањето на тема „Заштита и остварување на имотно – правни права за старите  лица“ кое се одржа во „Даре  Џамбаз“, со почеток во 11.30 часот, а во соработка со Сојузот на здруженијата на пензионери на град Скопје и Македонското здружение на млади правници.

Црвениот крст на град Скопје располага со три Дневни центри за стари лица и тоа во Домот на хуманитарните организации „Даре Џамбаз“, во општинската организација на Црвениот крст – Чаир и во општинската организација на Црвениот крст – Сарај.

Овие Дневни центри се отворени секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот и сите што сакаат да се вклучат во нивната месечна програма, единствено што треба е да имаат над 65 години. Овие Дневни центри на дневна основа ги посетуваат вкупно од 60 до 70 стари лица, а само во Дневниот центар во „Даре Џамбаз“ кој е и најпосетен доаѓаат од  30 до 40.

-Месечната програма на активности на Дневните центри за стари лица опфаќа активности за здраво и активно стареење, како што се чи – конг вежби, креативна и сликарска работилница, работилници за шиење и плетење, часови по танцување, едукативни предавања, културни манифестации, прошетки, хуманитарни базари, административна поддршка, активности за социјализација и здравствено-превентивни активности. Интересно е што вчерашниот меѓународен  ден на старите лица се поклопи и со 14 години од отворањето на Дневниот центар за стари лица и Центарот за давање помош во домашни услови.

(А.П.)

 

ИЗДВОЕНИ