Активисти за животна средина го обоија Големиот канал во Венеција во зелено – револтирани од неуспехот на конференцијата на ОН за климата

0

Активистите за животна средина од групата „Бунт против истребување“ го обоија Големиот канал во Венеција денес во зелено, бидејќи конференцијата на ОН за климата (COP30) во Бразил постигна минимален договор за постепено укинување на фосилните горива.

Активистите од групата ја истурија бојата, за која велат дека е еколошки, во канали, реки, езера и фонтани во десет италијански градови за да ги осудат „големите ефекти од климатскиот колапс“.

Зелената боја беше истурена во реките во Торино, Болоња, Таранто, како и во фонтаните во Падова и Џенова, соопшти активистичката група.

Шведската климатска активистка Грета Тунберг беше на демонстрациите „Стоп на екоцидот“ во Венеција, каде што демонстрантите облечени во црвена боја и носејќи превези за лице полека одеа низ толпи туристи.

„Најважниот глобален самит за дефинирање на меѓународните политички договори насочени кон борба против климатскиот и социјалниот колапс се ближи кон крајот, а уште еднаш оваа година, Италија е меѓу земјите што ги блокираат најамбициозните предлози“, се вели во соопштението на еколошката група.

По две недели преговори меѓу речиси 200 земји на самитот „COP30“ во Белем, земјите се подготвуваат да усвојат скромен текст подготвен од бразилското претседателство.

Европејците се помирија со прифаќањето на договорот и покрај притисокот од земјите во развој и производителите на нафта. Целта на разговорите во Белем беше да се постигне договор што ќе го отвори патот за побрзо намалување на емисиите одговорни за глобалното затоплување, кое предизвикува сè поекстремни временски настани.

ИЗДВОЕНИ