Актерката Ана Левајковиќ-Бошков со изведба на култната претстава „Црвенкапа“ вчера одбележа 30 години актерска кариера, посветени на најискрената и најпребирливата публика – децата. Оваа претстава годинава ја надмина бројката од 300 изведби.
Вработена во Театарот за деца и младинци од 1995 година, Левајковиќ-Бошков во својата богата професионална биографија има остварено 56 улоги во матичниот театар, оставајќи длабока и трајна трага во македонскиот детски театар. Нејзината уметничка патека е обележана со исклучителна посветеност, искреност и љубов кон сцената, вредности што ја направија препознатлива и сакана од генерации публика.
Одбележувањето на јубилејот помина во духот на благодарност и театарска игра – таму каде што сè започнало. Со изведба на „Црвенкапа“, претстава што за неа претставува еден од нејзините „театарски животи“, Ана прослави три децении љубов, упорност и уметничка мисија посветена на убавата страна на детството.












