| Проширувањето на Европската Унија кон Западен Балкан би чинело само пет евра по глава на жител годишно |
Секој жител на Европската Унија (ЕУ) би требало да плаќа просечно пет евра и 29 евроценти годишно во текот на седум години за интеграција на Западен Балкан во ЕУ, според студијата на Фондацијата Конрад Аденауер (КАС) и Центарот за европска политика (ЦЕП).
Според студијата за трошоците и придобивките од проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, презентирана денес во Европската куќа во Белград, членството на земјите од регионот е економски профитабилно и за регионот и за ЕУ.
Раководителот на програмата ЦЕП, Страхиња Суботиќ, на презентацијата на резултатите од истражувањето изјави дека, кога трошоците за интеграција на Западен Балкан од 46,6 милијарди се распределуваат по глава на жител во текот на седум години, се добива цената на едно кафе и кроасан годишно, пренесува Еуроњус.рс.
Суботиќ додаде дека целта на истражувањето е да се проценат трошоците врз основа на најновите податоци, а тие нема да бидат идентични секоја година поради различните фази од процесот.
Тој изјави дека товарот на секоја земја од ЕУ би изнесувал просечно 0,015 проценти од бруто националниот доход, при што земјите-членки со повеќе ресурси покриваат поголем дел од трошоците, додека оние со помалку ресурси би придонесувале помалку.
Суботиќ рече дека повеќекратните рунди на проширување кон Западен Балкан би можеле дополнително да ги намалат трошоците на ЕУ по глава на жител, на околу цената на едно кратко еспресо.












