Најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека ќе креира пет различни потрошувачки кошнички, наменети за различни типови домаќинства: самци, двојки, пензионери, млади и неколкучлени семејства, наиде на низа реакции од јавноста и од синдикатите. Граѓаните на шега коментираат на социјалните мрежи дека се малку пет потрошувачки кошници и оти треба да има и за вегетаријанци, за дијабетичари, за алергични на лактоза…
Од Сојузот на синдикати, пак, велат дека на Владата ѝ биле малку три месеци да донесе една кошница, а сега, за помалку од еден месец, ќе донесе пет. Според нив, со креирањето државна кошница, Владата сакала да го побие фактот дека сè е скапо, ама реалноста и фактичките цени во маркетите ја демантирале.
– За три месеци не можеа да донесат една кошница, а сега, за помалку од еден месец, ќе направат пет. Прво рекоа дека таа ќе биде за тричлено семејство, а потоа, кога реагираа граѓаните дека многу семејства во државата имаат четири члена, ја направија за четиричлено семејство, а сега, пак, најавуваат дека ќе прават пет кошници. Ние, како синдикат, долго време предупредувавме на ваков исход. Се загуби драгоцено време околу креирањето на државната потрошувачка кошница наместо да се формира економско-социјален совет и да се утврди репрезентативноста на синдикатите и да се разговара за мерки за спречување на инфлацијата и за зголемување на платите. Работниците и граѓаните го почувствуваа сето тоа на свој грб – изјави за весникот ВЕЧЕР Љупчо Радовски од Сојузот на синдикати на Македонија.
Од Синдикатот прашуваат уште колку ќе чекаме да се комплетираат овие пет кошници. Друго прашање е што ќе има во тие кошници и дали Владата, на некој начин, сака да ни каже што да јадеме.
– Податоците покажуваат дека над 70 отсто од граѓаните земаат од минимална до просечна плата и дека не стигнуваат една минимална и една просечна плата да се наполни просечната потрошувачка кошница. Потребни се мерки за намалување на цените и зголемување на платите, бидејќи сè повеќе опаѓа стандардот на граѓаните. Како сакаат да бидат продуктивни рабoтниците кога не им стигнуваат платите да ги намират месечните трошоци? Само здрав, најаден и платен работник може да биде продуктивен – додава Радовски.
Од ССМ велат дека цените на овошјето и во сезона останале високи и дека за многу граѓани црешите, праските, сливите… се луксуз. Килограм сливи и праски се продаваат над 100 денари, кајсиите се нешто поскапи – од 150 до 200 денари, а нектарините над 130 денари за килограм. Дињата се продава по 40-50 денари за килограм, лубеницата е нешто поевтина. Малините и капините, но и боровинките се продаваат во канчиња, а цената е 100-200 денари, односно 300 денари за килограм малини, 400 за боровинки.
Според ставовите на ССМ, синдикалната минимална кошница е реален модел на пресметување на трошоците за живот. Вредноста на новата кошница од 2023 година ги опфаќа неопходните трошоци на семејство од двајца родители и две деца кои се ученици и живеат во сопствен стан од 60 м2. Претпоставеното семејство ги купува само основните прехранбени производи и притоа прави споредба на производите барајќи ги оние со пониска цена. Може да си ги дозволат само основните производи за домаќинство. Кога купуваат облека, секогаш им даваат предност на производите што имаат попуст. Поседуваат еден мал автомобил, а повозрасното дете има и месечен билет за автобуски превоз. Сите членови на семејството се здрави и ги користат, главно, превентивните или најнеопходните здравствени услуги. Не може да си дозволат да јадат во ресторан, единствено два пати месечно може да си дозволат храна од сендвичарница.
Целта на синдикалната минимална кошница не е да им покаже на креаторите на политиките дека се преживува со толку, тука да им покаже дека не се живее ни со толку и дека е потребен раст на платите веднаш, велат од Синдикатот.
(А. С.)