Истражување на ССМ за 2022, 2023 и за 2024 година покажало дека зголемувањето на платите и зголемувањето на минималната плата не придонесуваат за затворање на компаниите и не ја уништуваат економијата, туку создаваат услови за развој и за отворање нови компании наспроти тезата од газдите дека растот на платите предизвикува колапс на компаниите и губење на работните места.

Од бизнис-секторот велат дека многу компании се борат со ликвидноста поради доцнењето на плаќањето од купувачите и дека немаат пари да исплатат редовни, а камоли повисоки плати. Економистите велат дека постои контрадикторност помеѓу барањето за зголемување на платите и реалните состојби во компаниите. Сметаат дека врз приходите влијае намалувањето на потрошувачката предизвикана од зголемените цени, а втор фактор е што поради иселувањето на луѓето од земјава, намален е бројот на купувачи

 

Зголемување на минималната плата и на сите други плати во приватниот сектор е вечна борба меѓу синдикатот и работодавците. Првите велат дека платите се ниски и не соодветствуваат на животниот стандард, а вторите секогаш се повикуваат на реалните состојби во фирмите, особено во микро, малите и самостојните извршители на дејност и потенцираат дека остваруваат мали приходи и дека со секое покачување може да стават клуч на врата.

Истражувањето што го спровеле во Сојузот на синдикатите на Македонија покажало дека покачувањето на платите за 6.000 денари и на минималецот на 30.000 денари, како што бараше ССМ, нема да доведе до затворање на фирмите како што тврдат газдите и нема да ја уништи економијата.

– ССМ изминатиот период спроведе истражување, кое уште повеќе го потврдува нашиот став дека зголемувањето на платите и зголемувањето на минималната плата не придонесуваат за затварање на компаниите и не ја уништуваат економијата, туку создаваат услови за развој и за отворање нови компании наспроти тезата и манипулациите од газдите дека растот на платите предизвикува колапс на компаниите и губење на работните места. Газдите ги лажат Владата и јавноста кога тврдат дека ќе се затворат фирмите ако се зголемат платите, а затоа што не му веруваа на ССМ кога јасно и гласно го зборуваше тоа, податоците и фактите од Централниот регистар јасно го потврдуваат тоа – велат од ССМ.

Според податоците од Централниот регистар на кои се повикуваат од Синдикатот, во 2022 година, кога беше зголемена минималната плата од 15.194 на 18.000 денари, имало 7.062 новоосновани фирми, а биле избришани или затворени 5.694.

– Во 2023 година, со зголемувањето на минималната плата од 18.000 на 20.175 денари, бројот на новоосновани фирми остана 7.062, а избришаните се намалија на 3.372. Во 2024 година, со растот на минималната плата од 20.175 на 22.567 денари, имаше 6.627 нови фирми, а само 2.891 затворени. Овие бројки јасно докажуваат дека секое зголемување на минималната плата е придобивка, а не закана за економијата и ги побиваат ставовите на газдите и на одредени експерти што беа прилично гласни на ова поле за да спречат раст на платите. Ова е причина повеќе да не се сопре процесот на зголемување на платите, вклучително и зголемување на минималната плата. Ова е уште еден силен аргумент за континуиран раст – не само на минималната плата туку и на сите други плати – потенцираат од ССМ.

Оттаму се на ставот дека работниците не смеат да живеат со минимални примања и да имаат најниски плати во регионот.

– Владата е должна да ги поддржи потребата од раст на платите, праведната распределба на профитот и да застане на страната на достоинствениот труд на работниците. Затоа упатуваме порака до газдите да престанат да одбиваат да се зголеми минималната плата и да им даваат достоинствени плати на работниците. Ја повикуваме и Владата да не подлегнува на притисоците, лагите и манипулациите од капиталот и од овие газди, туку, конечно, да застане зад работниците и да обезбеди зголемување на минималната плата и системски раст на платите за сите – децидни се од ССМ.

Според последните податоци од Управата за јавни приходи, дури 11.555 фирми не исплатиле плати и придонеси за своите вработени. Од УЈП велат дека неисплатата на плати е директно кршење на правата на работниците. Од бизнис- секторот велат дека многу компании се борат со ликвидноста поради доцнењето на плаќањето од купувачите и немаат пари да исплатат редовни, а камоли повисоки плати. Во економијата сè е поврзано, ако доцнат набавувачите – ќе доцни производството, ако доцни плаќањето – ќе доцнат платите.

Економистите велат дека постои контрадикторност помеѓу барањето за зголемување на платите и реалните состојби во компаниите. Сметаат дека врз приходите влијае намалувањето на потрошувачката предизвикана од зголемените цени, а втор фактор е што поради иселувањето на луѓето од земјава, намален е бројот на купувачи.

Синдикатите посочуваат дека во државата има сè помалку работници. Во многу компании има намален број работници, работата е иста за оние што остануваат, а газдите речиси никогаш не исплаќаат зголемување на платата поради зголемениот обем на работа, односно еден човек за истата плата ја работи и работата на својот колега што заминал од фирмата или отишол во пензија. Затоа профитите во некои фирми се двојно зголемени, а бројот на работници е преполовен.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ