Менаџментот на АД „Македонска навигација“ (М-НАВ) предупредува дека доколку се затвори небото над Македонија за авионски сообраќај на 20-ти октомври во периодот од 10 до 15 часот, поради генерален штрајк на контролорите на летање, ќе се загрози безбедноста во авиосообраќајот.
– Работата на контролата на летање не смее и не може да запре под никакви околности поради ризикот по безбедноста на сите граѓани. М-НАВ како институција е дел од критичната инфраструктура која директно ги штити животите и безбедноста на патниците, екипажот и воздушниот сообраќај што пристига, полетува и прелетува над Република Македонија, се потенцира во соопштението.
Ако се затвори небото над Македонија за авионски сообраќај на 20-ти октомври во периодот од 10 до 15 часот, поради генерален штрајк на контролорите на летање, ќе се загрози безбедноста во авиосообраќајот, се вели во известувањето до јавноста од менаџментот на АД „Македонска навигација“ (М-НАВ).
– Работата на контролата на летање не смее и не може да запре под никакви околности поради ризикот по безбедноста на сите граѓани. М-НАВ како институција е дел од критичната инфраструктура која директно ги штити животите и безбедноста на патниците, екипажот и воздушниот сообраќај што пристига, полетува и прелетува над Република Македонија – се потенцира во соопштението.
Струковиот Синдикат на контролори на летање најави генерален штрајк на 20 и на 24 октомври поради неисполнетите барања и дадени ветувања кои останале само на хартија. Од Синдикатот велат дека системот е нефункционален поради недостиг на кадар.
– Токму поради тоа што не се случува ништо ние решивме да го реактивираме штрајкот, сите оние претходни разговори и дискусии и преговарање дека одредени наши барање беа спогодбено договорени и беа предуслов за ставање на тогашниот штрајк во мирување. Тогаш требаше да почнат да ги реализираат, но, за жал, поминаа три месеци и ниту нешто е почнато ниту завршно и не гледаме причина дека треба да им оставиме време – истакна Александар Тасевски, претседател на Струковиот синдикат на контролорите на летање.
Од менаџерскиот тим на М-НАВ велат дека го признаваат правото на синдикалните организации да организираат штрајк како интегрален дел од борбата за подобрување на работничките права на вработените.
– Секој штрајк во институција која обезбедува безбедносни услуги мора да биде организиран така што работно ќе бидат ангажирани доволен број на контролори на летање (и секако останатите вработени на други работни места) за да се одржи безбедното управување со воздушниот сообраќај. Ниту една активност на синдикатите или било кои други субјекти не смее да доведе до загрозување на животите или инфраструктурата – велат од менаџерскиот тим.
Исто така, наведуваат дека М-НАВ остро се спротивставува на сензационалистичките и неточни најави кои се шират од страна на дел од раководството на струковиот синдикат.
– Повторуваме дека ширењето на дезинформации и панични наслови е неодговорно и може да создаде неоправдан страв кај јавноста и нестабилност во работењето на службите за авијација. Менаџментот на М-НАВ останува отворен за конструктивен социјален дијалог со синдикалните претставници и е подготвен да разгледа реални и објективни барања за кадровските и организационите прашања. Сите барања треба да се адресираат преку официјалните процедури со цел да се најде решение кое нема да ја загрози безбедноста на летовите. М-НАВ ќе ги преземе сите неопходни мерки за непречено и безбедно функционирање на воздушниот сообраќај и нема да дозволи никакви активности кои можат да ги загрозат патниците или функционирањето на воздушниот сообраќај – велат од менаџерскиот тим на М-НАВ.
Од Министерството за транспорт и врски потенцираат дека М-НАВ самостојна институција со сопствен буџет која има автономија во одлучувањето.
Првичниот штрајк на контролорите на летање беше закажан за 10 јули но тој беше одложен поради извесни придвижувања во исполнување на барањата.
(С.Бл.)