Еден од главните фактори за високите цени на прехранбените продукти е што многу од нив се увезуваат од странство, наместо да се произведуваат дома. За увоз на храна годишно трошиме повеќе од една милијарда евра. Увезуваме домати, краставици од Албанија, Грција и Турција, пченица, брашно, масло за готвење, млеко и млечни производи од Србија и Босна и Херцеговина, шеќер не произведуваме од 2015 година откако се затвори шеќераната во Битола. Ова е само дел од храната што граѓаните ја трошат секојдневно и за која, доколку ја произведуваме сами, ќе заштедиме многу пари во буџетот. Падот во производството на домашна храна е загрижувачки поради тоа што за субвенции во земјоделството се потрошени многу пари.
Универзитетскиот професор, Драги Димитриевски, вели дека ако се зголеми домашното производство на храна, ќе се намали количеството храна што се увезува, а тоа ќе предизвика и намалување на инфлацијата.
– Ние пред 10 години имавме само 150 милиони евра увоз на храна, а сега увозот изнесува 600 милиони евра. Имаме негативен биланс, односно, увозот на храна е поголем од извозот. Треба да се намали тој негативен биланс за да се намали и инфлацијата. Ако се зголеми домашното производство на храна, ќе се намали количеството храна што се увезува, а тоа ќе предизвика и намалување на инфлацијата, изјави за весникот ВЕЧЕР, Димитриевски.
Тој смета дека мора да се менуваат работите околу земјоделските субвенции, односно, парите од буџетот што досега се даваа за директни плаќања на земјоделците да одат за проекти за рурален развој.
– За да се промени моментната состојба и за да се зголеми домашното производство на храна се потребни повеќе мерки, подолго време и поголеми инвестиции во земјоделството. Не можеме за кратко време да ги санираме негативните состојби во македонскиот аграр. Потребно е поголем дел од финансиската поддршка на државата да оди за рурален развој, а делот за директни плаќања да не се зголемува. Директните плаќања се само доходовна поддршка на земјоделците кои не даваат долгорочни ефекти. Исто така, на младите им е потребна поголема финансиска поддршка за да влезат во бизнисот, бидејќи моментната старосна структура во секторот е многу лоша. Сето ова ќе оди тешко и бавно, но факт е дека се неопходни промени за да го зголемиме домашното производство на храна, вели Димитриевски.
Неодамна и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, изрази загриженост од намаленото домашно производство и трендот на пораст на увозот на храна.
– Во моментов најмногу ме загрижува зголеменото ниво на увозот на производи во земјава, особено на храната, што е еден од клучните ризици за пораст на инфлацијата. Дополнителен притисок на инфлацијата може да направи и порастот на финалната потрошувачка на граѓаните, која е зголемена за дури седум отсто. Во проекциите на ребалансот, инфлацијата нема да се проектира на повисоко ниво од првичната прогноза за буџетот за годинава од 2,2 отсто, изјави министерката Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека Министерство за финансии подготвува некои финансиски производи кои преку развојната банка ќе се даваат за поголема поддршка на преработувачката индустрија.
И земјоделците и агрономите се на ставот дека Македонија мора да се врати на земјоделското производство ако сакаме да се намали увозот, а народот да јаде храна со прифатливи цени. Во моментов, цените на овошјето и зеленчукот се над очекувањата и над џебот на потрошувачите.
Дека е дојдено време работите да се променат, покажуваат и статистичките податоци. Ако во 2003 година за увоз на храна сме трошеле по 298 милиони долари, за десет години пораснал на 752 милиони долари за во 2023 да го надмине прагот од милијарда долари годишно за увоз на храна. Но, дополнителен проблем кој покажува дека ни опаѓа домашното производство е трговскиот дефицит во секторот храна и пијалаци, односно во разликата помеѓу извозот и увозот. Па така, од 84 милиони долари негативен трговски дефицит за дваесет години сме дојдени до половина милијарда долари трговски дефицит.
Бројките покажуваат дека имаме 660 хектари помалку во производството на домати, 165 илјади тони млеко годишно помалку, имаме околу 100 илјади тони помалку жито, масло за јадење произведуваме само 10 отсто а другото го увезуваме, а целосно сме зависни од увозот на шеќер.
(А.С.)