Сè погласни се шпекулациите за заминување на Макс Верстапен од редовите на Ред бул и за преселба во тимот на Мерцедес, но официјална потврда сè уште нема.
Овој пат Гинтер Штајнер му даде совет на Мерцедес да направи смел потег, кој би променил сè. Целта е јасна – титулата и за неа, вели Штајнер, нема простор за ризик.
Додека се зголемуваат шпекулациите за трансфер на Макс Верстапен во Мерцедес, поранешниот шеф на тимот на Хас, Гинтер Штајнер, го повика Мерцедес да направи радикален потег и да го испрати Кими Антонели како позајмен.
Антонели освои бодови само еднаш на последните шест трки, и тоа на Големата награда на Канада, каде што го запиша својот прв подиум во кариерата.
И додека многумина очекуваат Верстапен, доколку му се приклучи на Мерцедес, да биде поврзан со Антонели, Штајнер верува дека тоа би била голема грешка. Тој јасно стави до знаење – Џорџ Расел не смее да биде тој што ќе излезе од тимот.
- Како можеш да го замениш Џорџ со Макс и да го оставиш Кими Антонели ако Мерцедес сака да ја освои титулата?! Кими имаше една добра серија во Канада. Уште колку имаше? Не многу. Џорџ добро си ја врши работата. Без разлика дали ви се допаѓа или не, тој си ја врши работата. Победува на трките, лидер е во тимот. Зошто би го избркале? – праша Штајнер во поткастот „Црвени знамиња“.
За Штајнер, идеалната опција е јасна: Антонели треба да биде испратен како позајмен во средината на редот, каде што би стекнал искуство.
- Мислам дека треба да го испратат Кими за да го доведат Макс. Би имало смисла да кажат: „Кими, ајде да одиме во Алпин или во Вилијамс една година, каде и да е, и таму да се развиваш“. Тој е добар возач, но му треба искуство. Да го фрлате во болид што мора да победува, а потоа да не победува, тоа не е добро за неговиот развој – порача Штајнер.
Во Мерцедес сè уште нема конечна одлука. Расел и Антонели сè уште немаат потпишано договор за следната сезона, додека Верстапен е во отворени преговори со тимот од Брекли.