Цената за изнајмување лежалки се движи до 50 евра, а хотелот „Авала“ ги изнајмува за дури 150 евра. Четврт бурек е 2,5 евра, кафето на плажа е до четири евра, пивото пет, а сендвичот девет евра. Тешко се наоѓа ручек за еден човек под 25 евра, а за појадок треба да се издвојат десетина евра
„Да летував на Азурниот Брег или на Ибица, ќе поминев поевтино“, напиша една корисничка на социјална мрежа откако се вратила деновиве од одмор на Црногорското Приморје. „Чадорот за сонце на плажа заработува повеќе од мене“, напиша друг.
ВЕЧЕР провери. Скапотијата за која се жалат граѓаните од Балканот што годинава отишле на ран годишен одмор во Грција и во Хрватска, ја има и во Црна Гора. И што е уште пострашно, како што се затоплува времето и се ближи шпиц-сезоната така цените продолжуваат да растат.
Црногорските политичари не може да се договорат околу тоа дали е добар или лош почетокот на годинашната туристичка сезона, зашто статистичарите им сервираат податоци од кои не може да се изведе јасен заклучок. Па, така, за едни сезоната почнала одлично зашто е поголем бројот на туристи од лани, а за други – катастрофално зашто има помалку ноќевања. „Дијагноза“ на ситуацијата за ВЕЧЕР даде еден продавач на билети за бродски тури до островите Хаваи и Свети Стефан, кој во ладовинка во близина на плажата во Будва цел ден безуспешно се обидуваше да убеди некого да се качи на брод.
– Како е кај вас во Македонија? Овде е ужасно. Не знам зошто, ама последниве две години цените многу пораснаа. Не се живее. И потоа сакаат туристи! Нема туристи. Сите овие што ги гледате на плажа и по шеталиштата се од семинари – ни рече тој.
Метрополата на црногорскиот туризам, Будва, ја отвори оваа туристичка сезона уште на 24 мај, со концерт на Дино Мерлин и со спектакуларен огномет. Градот беше полн, времето недоволно топло за сончање и за капење во море, па оние што издаваат лежалки ги задржаа ланските цени: комплет од две лежалки и чадор за сонце – 10 евра. Рестораните покрај плажа ги издаваа лежалките бесплатно, под услов да се порача нешто. Една недела подоцна, кога се качија температурите, скокна и цената на лежалките, и тоа од 10 на 15 и 20 евра. Иста цена добија и лежалките што претходно беа бесплатни. А на попопуларните плажи како, на пример Могрен и Свети Стефан, цената за две лежалки со чадор за сонце се качи до 50 евра, а на плажата на луксузниот хотел „Авала“ се изнајмуваат за неверојатни 150 евра. Па, ако претходно не можеше да се најде слободна лежалка, по поскапувањето повеќето останаа празни. Математиката си ја знаат само оние што ги издаваат.
И за разлика отпорано, на плажите на кои има закупци, ова лето просторот за ставање пешкири е многу помал.
Скокнаа и цените во рестораните, колку за да не заостанат зад грчките и зад хрватските. Кафето на плажа е од две до четири евра, пивото во чаша е пет, соковите во лименка 4,5, а сендвичот дури девет евра. Крофничките и варената пченка што се продаваат на плажа по будванската ривиера се три евра. Пицата во рестораните на самата плажа е 10 евра, појадокот од пет до 10 евра, а скромен ручек за еден човек тешко се наоѓа за цена под 25 евра. Кај продавачите на брза храна е нешто поевтино, но, сепак, недоволно. Гирото се продава за пет евра, хамбургерот за 4,5, парчето пица е од 4,5 до 5 евра, пијалаците се по 2,5 евра, а толку се и палачинките. Топка сладолед е од евро и пол до две евра. Низ градот може да се најаде семејна пица со дијаметар од 33 сантиметри за најмалку 8,5 евра.
Не им е лесно ниту на патлиџан-туристите или по ново, паштета-туристите, односно оние што се хранат од продавниците. Во маркетите и во пекарниците, обичниот бел леб од 600 грама се продава од 90 центи до едно евро, а четврт бурек е 2,5 евра. Нема паштета поевтина од 70 центи, путер од 200 грама под четири евра, сирења од типот на ајдамер под 10 евра за килограм, додека, пак, цените на кашкавалите и на поквалитетните сирења се далеку повисоки. Тешко се наоѓаат сувомесни производи под 12 евра за килограм, а меѓу поевтините е шунката од 400 грама во црево, која чини три евра. „Кока-кола“ од 1,5 литри е безмалку две евра, 1,5 литар газирана вода е најмалку 65 центи, додека обичната вода во пластично шише од шест литри е 1,6 евра. Најевтините пива имаат цена околу едно евро за половина литар. Цената за килограм квалитетна црногорска пршута се движи околу 25 евра, но има и поевтини варијанти. Овошјето и зеленчукот во Црна Гора секогаш биле скапи. Ова лето, килограм пиперки се продава за две евра, а толкава е цента и на најевтините домати. Килограм нектарини се купува за 3,5 до 5 евра, црешите се
12,5 евра, јагодите пет евра, а бананите околу 1,6 евра.
Издавачите на соби и апартмани на Црногорското Приморје не дозволуваат туристите да готват. Но, оние што ќе успеат да „прошверцуваат“, најевтино ќе поминат со свинско месо. Килограм чини 4,59 евра. Младите компири се со цена од 80 центи за килограм, додека 10 јајца се најмалку 2.20 евра. Тестенините се продаваат за едно евро, па нагоре, а млекото – за најмалку 99 центи.
За овие цени реагираат и домашните туристи. Подгоричани, кои ги има во голем број на плажите за викендите, револтирано велат дека во Будва цените се многу повисоки отколку во Подгорица.
Голем дел од овие трошоци може да се избегнат, но не и највисокиот – за сместување. Во, Будва, која нуди најголем спектар на опции за сместување, ноќевање во приватен апартман во јуни чини од 50 до 90 евра, а за јули и за август е одредена цена од 80 до 180 евра. Цените на студијата за јуни почнуваат од 40 евра, а за јули и за август од 60 евра, па нагоре.
Тиват е најскап, со цени на апартманите во јуни од 70 до 120 евра, а за јули и за август од 120 до 220 евра и на студијата од 60 евра за јуни и од 80 евра, па нагоре за јули и за август.
Слични, за нијанса пониски се цените во Херцег Нови.
Најевтино е во Улцињ и во Бар, каде што може да се изнајми студио во јули и во август за четириесетина евра. Најповолна варијанта за приватно сместување е онаа кога ќе се резервира директно кај домаќинот. Тогаш цената може да падне и за 20 проценти.