Постојано повторуваните изјави на американскиот претседател, Доналд Трамп, дека Канада треба да стане „51. држава“ на САД, ги натерале канадските вооружени сили да разработат детален модел на одбрана од можна инвазија од САД. Според ексклузивен извештај на канадскиот весник „Глоуб енд меил“, генералите заклучиле дека конвенционалната одбрана би била невозможна поради огромната американска воена супериорност, па затоа Канада би морала да се потпре на неконвенционално војување, герилски тактики, заседи и на беспилотни летала. Моделот предвидува дека американските сили, веројатно предводени од маринци, би можеле да ја совладаат конвенционалната копнена и морска одбрана на Канада за само два до седум дена. Канада, со 71.500 активни војници и со 30.000 резервисти, нема шанси во отворен конфликт против американската 2,8-милионска војска. Затоа планот вклучува заседи од професионални единици и од вооружени цивили, масовна употреба на беспилотни летала за максимални жртви кај окупаторските сили, продолжен бунт сличен на 20-годишната војна во Авганистан против САД, а и повикување на сојузниците (Велика Британија, Франција) за помош.
Џени Карињан, генерал и началник на одбранбениот штаб, веќе најави создавање резервна сила од дури 400.000 волонтери, претежно цивили, за да се спречи инвазивната сила. Високи извори од Министерството за одбрана проценуваат дека Канада ќе има максимум три месеци да се подготви по првите знаци на зголемување на присутноста на американските трупи на границата, објавува „Телеграф“.
– Неверојатно е дека САД, всушност, би извршиле инвазија. Но, дури и тогаш Америка нема да има доволно војници за да ги окупира сите поголеми градови во Канада – рече пензионираниот генерал-потполковник Мајк Деј, поранешен главен стратешки планер.
Канадскиот премиер, Марк Карни, изјави во вторникот, во Давос, дека изјавите на Трамп за Гренланд и за Канада претставуваат „пукнатина“ во светскиот поредок.
Трамп постојано ја исмејува Канада како „51. држава“, а поранешниот премиер, Џастин Трудо, го нарекуваше „гувернер на големата држава Канада“, шегувајќи се дека на Канада ќе ѝ биде подобро под американска власт. Според „Ен-би-си њуз“, Трамп сè уште е „фиксиран“ на идејата Канада да стане дел од САД, бидејќи наводно е неспособна да се справи со заканите од Кина и од Русија од север. Сепак, сите воени извори и експерти истакнуваат дека има „исклучително мала веројатност“ САД да извршат инвазија на Канада.












